Skip to main content

Подметнат пожар кај Кавадарци на пет локации, полицијата приведе осомничен

Пожар кој доцна синоќа избувнал на околу 20 километри од Кавадарци бил подметнат на пет различни локации, а полицијата веќе има осомничено лице, соопшти директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов.

Тој информираше дека гаснењето било исклучително тешко поради стрмниот и непристапен терен, но благодарение на брзата интервенција пожарот бил ставен под целосна контрола во раните утрински часови.

„Градоначалникот Митко Јанчев цела ноќ беше на терен заедно со пожарникарите. Некаде пред пет часот успеаја целосно да го локализираат и изгаснат пожарот. На терен сè уште има пожарникари кои дежураат за да се спречи негово повторно разгорување“, изјави Ангелов.

Според него, вработени во ЈП „Национални шуми“ го забележале осомниченото лице, кое побегнало од возилото, но подоцна било пронајдено.

„Во моментов кавадаречката полиција разговара со лицето. Се надевам дека ќе бидат обезбедени доволно докази за да биде изведено пред лицето на правдата“, рече Ангелов.

Тој информираше и дека во текот на вчерашниот ден низ државата биле регистрирани околу 30 пожари на отворен простор, меѓу кои и два поголеми пожари во Гостивар, кои во меѓувреме се изгаснати.

Ангелов повторно апелираше до граѓаните да бидат максимално внимателни, посочувајќи дека за време на празничните денови и зголеменото движење на луѓе во природа, како и поради почетокот на ловната сезона, ризикот од пожари е значително поголем.

„Доволна е само една искра за да се предизвика пожар со катастрофални последици“, предупреди директорот на ДЗС, потсетувајќи дека за предизвикување пожари се предвидени високи казни.