Skip to main content

Македонските јуниори конечно се израдуваа на победа на Европското првенство

Младата машка репрезентација на Македонија за ракометари до 18 години ја оствари првата победа, и тоа убедлива, на Европското првенство во Белград.

По трите порази во првата групна фаза од шампионатот, македонските јуниори сега играат за пласман од 17 до 24 место. Во меч од новоформираната група 1, Македонија ја победи Италија со 33-23.

Одлично го почнаа натпреварот црвено-жолтите кои врзаа три гола, на кои противникот немаше одговор. Во повеќе наврати избраниците на Горан Кузмановски имаа и четири голови предност, а со толку и заминаа на одмор, 17-13.

Во ист ритам и уште посилно, продолжија нашите надежи и во вториот дел во кој стигнаа и до најголеми +11. Тука веќе стана јасно дека на победата ќе се радуваат македонските ракометари.

Бобан Поповски беше најефикасниот наш ракометар со девет голови, додека Стефан Ѓорѓиески заврши со шест.

Со овој триумф, сега Македонија има 2 бода како и Италија, a Шведска е прва со 4, откако денеска ја победи Турција. Токму Турците ќе бидат следен противник на македонските јуниори во утрешниот меч, закажан од 12 часот.

Поврзани вести