
Министерот за одбрана Владо Мисајловски упати честитка до граѓаните, припадниците на Армијата и вработените во Министерството за одбрана по повод 2 Август – Илинден, истакнувајќи дека овој датум претставува најголемиот празник и еден од најзначајните симболи на македонската државност.
Во честитката, Мисајловски нагласува дека Илинден ги претставува идеалите на слободата, самобитноста, патриотизмот и љубовта кон татковината, оценувајќи дека токму врз илинденското дело е изградена современата македонска држава.
Од херојството на илинденците и визијата со која беше издигната Крушевската Република, преку државотворните одлуки на АСНОМ до денес, се протега една иста идеја – Македонија да биде слободна, суверена и независна држава- наведува министерот.
Тој посочува дека слободата и мирот што денес ги уживаат граѓаните се резултат на жртвата на претходните генерации, поради што Илинден претставува обврска за зачувување на вредностите на единството, солидарноста, слободата и меѓусебното почитување.
Мисајловски повика на заедничка посветеност во градењето на Македонија како држава на мирот, демократијата, просперитетот и надежта за идните генерации.
Нека илинденскиот пламен секогаш ни го осветлува патот кон единство, напредок и мир. Нека ни е честит 2 Август – Илинден! Нека ни е вечна Македонија!, порачува министерот за одбрана во честитката.

Македонски


