Skip to main content

По инцидентите во близина на Сеута во Мароко приведени 70 луѓе

Мароканската полиција приведе 70 лица под сомнение дека учествувале во насилните инциденти, што избувнаа додека илјадници мигранти незаконски влегуваа во шпанската енклава Сеута.

Приведените се товарат за кривични дела „обид за убиство, намерно предизвикување пожар и оштетување на јавен и приватен имот“.

Обвиненијата произлегуваат од судирите помеѓу мигрантите и мароканската полиција во Фнидек, Мароко, каде што групи луѓе во близина на граничниот премин со Сеута се обидуваа да влезат на шпанска територија. Неколку возила беа запалени за време на судирите.

Мигрантската и хуманитарната криза избувна откако изминатите денови, според владата на Сеута, од 50.000 до 60.000 мигранти нелегално влегоа во енклавата. При обидот на мигрантите да пристигнат до Сеутагинаа 57 луѓе.

Договорот постигнат помеѓу Мадрид и Рабат за итна репатријација на мигрантите кои нелегално престојуваат во Сеута, проследено со привременото затворање на продавниците во градот поради кризата, вчера доведе до враќање на околу 53.000 луѓе во Фнидек.

Поради страв од понатамошно насилство, продавниците, рестораните и банките во Фнидек се затворени. Иако илјадници мигранти веќе заминаа кон своите родни места, многумина сè уште талкаат по улиците, спијат во паркови и јавни простори и се обидуваат да најдат превоз за да го напуштат северниот марокански град.(МИА)

Поврзани вести