
Европските сојузници засега одбиваат да ја поддржат американската иницијатива за формирање заедничка поморска мисија во Ормуската Теснина додека не се воспостави траен прекин на огнот во конфликтот со Иран, пишува денеска Политико, повикувајќи се на неименувани претставници, додавајќи дека таквото однесување укажува на растечките резерви на европските држави кон американската политика.
Американскиот министер за одбрана, Пит Хегсет, побара од Велика Британија и Франција да ја преземат водечката улога во идната поморска коалиција, но и покрај поддршката од британскиот министер за одбрана Вес Стритинг, тој се соочува со скептицизам од европските сојузници, според британски и американски претставници запознаени со разговорите.
Според нивните изјави, Хегсет и американскиот претседател Доналд Трамп со месеци ги критикуваат европските земји за она што го сметаат за недоволно вклучување во конфликтот со Иран.
Планот предвидува одржување на меѓународна конференција во Лондон, организирана од САД и Велика Британија, на која би се дефинирале улогите на земјите учеснички, вклучително и распоредување на воени бродови за откривање и отстранување на поморски мини и заштита на трговски бродови што минуваат низ мореузот.
Официјалните лица меѓутоа предупредуваат дека подготовките за мисијата не напреднале значително и дека не се очекува конкретен напредок во блиска иднина.
Хегсет ја изнесе идејата за заедничка поморска мисија за време на телефонскиот разговор со својот британски колега Вес Стритинг во петокот, а според британските претставници, разговорот бил фокусиран на здружување на сојузниците за зајакнување на поморската безбедност и поддршка на одбранбените напори на САД, наместо вклучување на европските земји во офанзивни операции против Иран.
Хегсет и Стритинг во понеделникот разговараа и со француската министерка за вооружени сили, Катрин Вотрин, за можностите за заедничко дејствување за заштита на поморскиот сообраќај во регионот.
Два американски носачи на авиони остануваат во регионот на Блискиот Исток, заедно со неколку други воени бродови, вклучувајќи бродови што носат околу 2.500 маринци.
Поранешен американски воен функционер, запознаен со внатрешните дискусии во Пентагон, предупреди дека продолженото ангажирање на носачите на авиони и подморниците го одложува нивното редовно одржување, што би можело да влијае на оперативната подготвеност на американската морнарица доколку мисијата биде продолжена.(МИА)

Македонски



