Skip to main content

Со два милиони евра грант од ЕУ до паметни граници – граничните терминали ќе бидат целосно автоматизирани

Со два милиони евра грант од Европската Унија се воведуваат паметни граници – граничните терминали ќе бидат целосно автоматизирани, најавија денеска од Царинската управа на Република Македонија.

Царинската управа започнува со имплементација на еден од најзначајните проекти за модернизација на граничната инфраструктура со што се воведуваат паметни системи за автоматизација на граничните терминали, за што се обезбедени грант средства од Европската Унија во висина од два милиони евра. По претходно објавен јавен оглас, потпишан е договор со изведувачот за набавка на опрема, со што се означува значаен прогрес на проектот, чија имплементација треба да заврши до средината на наредната година – соопштија од Царинската управа.

Во соопштението се нагласува дека автоматизацијата на терминалите ќе овозможи значително побрз проток на стоки и намалување на времето на чекање и оперативните трошоци за економските оператори.

Со замена на постојните рампи и ваги со нови дигитални системи, поддржани со напредни аналитички видео-камери – увозот, извозот и транзитот ќе се евидентира автоматски, за само неколку секунди по влезот на товарното моторно возило на царинскиот терминал – се додава во соопштението.

Како што се истакнува, автоматските ваги и рампи ќе бидат директно поврзани со системот за видео – надзор и за препознавање на регистарски таблички, за што во тек е постапка за набавка на софтвер – интегратор, со што ќе се овозможи поефикасна контрола и забрзан проток на легалната трговија во согласност со ЕУ-стандардите.

Воедно, примената на ваквите системи ќе овозможи и намалување на влијанието на човечкиот фактор, како една алатките за ефикасна борба против криминал и корупција – подвлекоа од Царинската управа.

Поврзани вести