
Настапот на турскиот диџеј и продуцент Махмут Орхан на стадионот „Билјанини Извори“ во Охрид завршил со полициска интервенција, откако граѓани пријавиле нарушување на јавниот ред и мир поради прегласна музика.
Како што информира СВР Охрид, на 26 јули околу 1 часот по полноќ била примена пријава за гласна музика од концертот. Полициски службеници излегле на терен и извршиле мерење на нивото на бучава со фонометар.
При мерењето било утврдено дека јачината на звукот изнесувала 77 децибели, иако максимално дозволеното ниво во тој период е 35 децибели.
Од СВР Охрид соопштија дека по целосното документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок до надлежните органи.
Инаку, Махмут Орхан настапи во Охрид во организација на „Прагма продукција“, пред бројна домашна и странска публика. Еден од највпечатливите моменти на концертот беше кога посетителите му подадоа македонско знаме, кое тој го бакна, а потоа го стави на себе, поздравувајќи ја публиката. Гестот беше проследен со овации и аплауз од присутните.

Македонски


