
Најновиот роман на една од најчитаните авторки во регионот, Јелена Бачиќ Алимпиќ, е новото засилување на летниот книжевен избор на „Матица македонска“. Штотуку објавениот „Синот на кројачот“, долгоочекуваното продолжение на бестселерот „Кројачот“, е вклучен во големата акција „Со книга на плажа“.
Под слоганот „Лето создадено од приказни“, акцијата опфаќа околу 490 наслови за различни генерации и читателски вкусови – од актуелни светски и регионални бестселери до дела од македонската книжевност, монографски изданија и литература за деца. Книгите се достапни по специјални летни цени во книжарниците на „Матица македонска“ и преку онлајн-продавницата на издавачката куќа.
Со вклучувањето на „Синот на кројачот“, во летната понуда влегува книга што до македонските читатели пристигна само неколку недели по регионалната премиера. Романот беше објавен во Србија на почетокот од јули, а уште во првите денови се искачи на првото место на листата „Топ 40 белетристика“ на издавачот „Лагуна“.
Новата книга ја продолжува приказната за семејството Бајер и ги носи одговорите на прашањата што останаа отворени по последната страница на „Кројачот“, романот што освои десетици илјади читатели.
По долгогодишна разделба, Олгица и Јакоб повторно се среќаваат и започнуваат да си ги раскажуваат животите што ги воделе далеку еден од друг. Исповедта на Олгица го отвора патот од Белград до Ерусалим и открива семејно минато исполнето со премолчени вистини, загуби, невидливи жртви и одлуки што засекогаш ги промениле нивните судбини.
Под пораката „Животот има крај. Љубовта нема“, Јелена Бачиќ Алимпиќ создава емотивна и динамична семејна сага за изгубеното време, вината, простувањето и искупувањето; за љубовта што ги надживува разделбите и за можноста човек да се соочи со минатото без да се откаже од иднината.
Со семејната тајна во своето средиште, силните човечки судбини и раскажувањето што го задржува вниманието до последната страница, „Синот на кројачот“ е книга создадена за читателите што и во летните денови бараат повеќе од лесна приказна – роман што се чита со возбуда, а се памети по емоцијата.
Јелена Бачиќ Алимпиќ е едно од најпрепознатливите книжевни имиња на овие простори, со бројна и верна публика и во Македонија. Нејзините романи објавени на македонски јазик се дел од понудата на „Матица македонска“, а со најновото издание читателите го добиваат продолжението на една од најчитаните актуелни книжевни приказни во регионот.
„Синот на кројачот“ е достапен како дел од акцијата „Со книга на плажа“, по специјална летна цена, во книжарниците на „Матица македонска“ и преку онлајн-продавницата на издавачката куќа. Летото е создадено од приказни. Некои од нив се читаат на плажа, а остануваат со нас многу подолго од летото.

Македонски


