Skip to main content

Патувачкото кино на „МакеДокс“ повторно тргнува на пат низ Македонија

По седумнаесетти пат, Патувачкото кино на „МакеДокс“ тргнува на пат, натоварено со документарни приказни и подготвено за проекции под отворено небо.

Од 10 до 17 јули, караванот на Патувачкото кино ќе помине низ шест населени места и градови, продолжувајќи ја својата мисија да го донесе документарниот филм на големо платно до места каде што ретко има можност да стигне.

Годинашното патување започнува на 10 јули во Неготино, каде проекцијата ќе се одржи кај Спомен-костурницата. Веќе следниот ден, 11 јули, Патувачкото кино ќе гостува во Пепелиште, во дворот на ООУ „Страшо Пинџур“. На 13 јули, караванот продолжува во Демир Капија, на градското Шеталиште, а на 14 јули ќе биде во Долни Дисан, во ООУ „Гоце Делчев“. Последните две филмски вечери ќе се одржат на 16 јули во Негорци, во ООУ „Ристо Шуклев“, и на 17 јули во Гевгелија, во ООУ „Јосиф Јосифовски“.

Веќе седумнаесет години Патувачкото кино се труди да ги поврзува луѓето преку приказните и да ги собира на плоштадите, училишните дворови и останатите јавни простори кои се претвораат во кино за една вечер. Покрај филмските проекции, секоја кино-вечер нуди можност за средба, разговор и заедничко споделување на приказни кои инспирираат, отвораат прашања и поттикнуваат дијалог.
Патувачкото кино не се само проекциите, туку и средбите пред и по филмот, разговорите што продолжуваат откако ќе се изгасне проекторот и приказните што се пренесуваат до следното место.

Седумнаесеттото Патувачко кино на „МакеДокс“ е поддржано од Агенцијата за филм на Република Македонија.

Проекциите се бесплатни. Повеќе информации за програмата на проекциите ќе бидат објавени на официјалните комуникациски канали на „МакеДокс“.

Поврзани вести