Skip to main content

„Госпоѓа Бовари“ викендов на сцената на НУ Народен театар Битола!

Приказна за копнежите што не познаваат граници, за соништата што се судираат со реалноста и за цената на изборите што ги правиме. Ема Бовари нè води низ свет исполнет со страст, илузии и немир, во претстава што остава силен впечаток долго по последниот аплауз. На 4.јули, сабота, со почеток од 20 часот на Големата сцена на Народниот театар Битола, ќе биде изведена „Госпоѓа Бовари“, во режија на Дејан Пројковски.
„Госпоѓа Бовари“ носи со себе некои вечни теми и прашања. Мислам дека „Госпоѓа Бовари“ е некаков женски „Хамлет“. Тоа е женскиот поединец кој се спротивставува на системот, на општествените и моралните рамки што ги создаваме и кои се дел од сите нејзини проблеми, додека системот се обидува да ја вовлече да биде дел од тие лажни вредности.
Самата претстава зборува за слободата на личниот избор“, истакнува режисерот за претставата.

Госпоѓа Бовари во претставата го минува својот пат, каде што е растегната меѓу телото и душата, меѓу телото и страстите што ја влечат надолу, на земјата, во калта, и од друга страна, душата што се обидува да гледа кон небото, да го бара Бог и повисоката смисла на постоењето. Ликот на Ема Бовари го игра актерката Маја Андоновска Илијевски, а покрај неа во актерската екипа се и: Никола Стефанов, Иван Јерчиќ (Шарл), Огнен Дранговски (Родолф), Мартин Мирчевски (Лере), Сандра Грибовска Илиевска (Слугинка), Петар Мирчевски (Свештеник), Борче Ѓаковски (Исус Христос) и Ива Лазарова (Ќерката на Ема и Шарл). Авторскиот тим го сочинуваат: асистент на режија Андреј Цветановски, драматург Сашо Димовски, сценограф Валентин Светозарев, костимограф Андреј Ѓоргиевски, кореограф Олга Панго, композитор Горан Трајкоски, видео дизајнер Сергеј Светозарев, светло мајстор Игор Мицевски, тон мајстор Александар Димовски, видео оператор Владимир Переловски, инспициент Оливер Петровски и суфлер Гордана Михајловска.

Една од варијантите на плакатот е изработка на Михајло Димитриевски – Мичо. Има уште еден плакат, дело на Сергеј Светозарев, кој од септември, кога ќе се продолжи со настапи по фестивали ќе биде презентиран на прес-конференција.
Не пропуштајте ја репризата на најновата театарска продукција во режија на Дејан Пројковски, инспирирана од ремек-делото на Гистав Флобер.
Претставата е наменета за лица над 16 години!

По успешната премиера, „Госпоѓа Бовари“ повторно е на сцената на НУ Народен театар Битола!

Една од највпечатливите љубовни и животни приказни на светската литература оживува во моќната режија на Дејан Пројковски. Страст, илузии, копнежи и судир со реалноста – приказна која никого не остава рамнодушен.

📅 4 јули (сабота)

🕗 20:00 часот

📍 Голема сцена