
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски изјави дека изминатите два дена главниот украински преговарач Рустем Умеров разговарал со Џаред Кушнер, зетот на американскиот претседател Доналд Трамп.
Зеленски, обраќајќи се од едно од местата погодени во синоќешниот руски напад врз Киев, наведе дека сè уште се надева дека Кушнер и претставникот Стив Виткоф ќе ја посетат Украина, иако мировните напори поддржани од САД за завршување на војната се во застој со месеци.
Тој исто така истакна дека се надева дека ќе се сретне со Трамп на маргините на Самитот на НАТО во Анкара, што ќе се одржи на 7 и 8 јули.
Претходно украинските медиуми објавија, дека бројот на жртвите од синоќешниот руски напад врз Киев, се искачил на 20, а 90 луѓе се повредени.
Украина тврди дека Русија истрелала 74 ракети и 496 дронови врз Киев, при што е оштетена цивилна инфраструктура, а голем број станбени згради се уништени.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков наведе дека нападот бил насочен само врз „воени или квазивоени цели“. Додека, руското Министерство за одбрана соопшти дека ударот врз Киев е одговор на украинските напади врз цивилни цели во Русија.

Македонски


