
Македонската кошаркарска репрезентација попладнево ја очекува првиот од двата последни натпревара во претквалификациите за Евробаскетот 2029 година. Во ростерот на селекторот повторно е и Тома Стојаноски, кој е подготвен да го даде својот придонес во сениорскиот национален тим.
– Атмосферата е одлична. Имавме два пријателски натпревари, од кои првиот не заврши позитивно за нас, но во меѓувреме се рекупериравме. Ни се приклучија и двајцата наши натурализирани играчи, а од тимот кој настапи на контролата во Самоков, сега ги имаме и Јакимовски и Војдан Стојановски. Во изминатиот период направивме добри тренинзи и скаутинг со стручниот штаб. Мислам дека имаме добра и солидна екипа со која сакаме две победи во овој „прозорец“. Прва задача ни е Ирска, прво да завршиме работа со нив, а потоа ќе мислиме на Луксембург“, додава македонскиот кошаркар. Ирска има скоро шест до седум нови играчи. Се работи за помлади имиња кои играат во американската колеџ-лига. Ги видовме повеќето од нив преку видео-анализата. Играат брза кошарка, а ние мораме први да го поставиме темпото и да дојдеме до победа пред нашата публика, изјави Стојаноски.
Македонија го очекува продолжението од претквалификациите со јасна цел – максимален ефект во двата натпревара. Покрај дуелот што македонскиот тим го игра со Ирска (почеток 18 часот, сала Лазар Лечиќ), по три дена е гостувањето во Луксембург.
Покрај натпреварот во Скопје од А групата денеска играат и Луксембург – Азербејџан.

Македонски


