Skip to main content

В понеделник на Солунското пристаниште стигаат преостанатите „Страјкери“ од САД

В понеделеник на пристаништето во Солун треба да пристигнат преостанатите лесни оклопни возила „Страјкер“ од САД, кои се очекува до крајот на месецот да пристигнат во земјата, со што ќе се заокружи целиот процес на договорот со САД вреден речиси 339 милиони евра – соопшти денеска министерот за одбрана, Владо Мисајловски.

На денешната прес-конференција за сработеното за време на двегодишниот мандат министерот за одбрана рече дека со САД се потпишани и договори за набавка на лесно пешадиско вооружување, беспилотни системи „Пума“ и „Равен“, опрема за киберзаштита на единиците за Лесната пешадиска баталјонска група, опрема за киберзаштита на Министерството за одбрана, опрема за JTAC за блиска воздухопловна поддршка, радиоуреди, надградба на Симулацискиот центар во Велес…

Потпишан е и договор за системи за противoклопна борба „Џевелин“, чија испорака би требало да почне в година. Министерот за одбрана потсети и дека се стигнати артилериските системи „Боран“ од сојузничка Турција, како и дел од опремата „Мистрал 3“, процес што се очекува да биде завршен до крајот на годината. 

Со поддршка на Европскиот мировен фонд, во три пакети добиени се 40 милиони евра, а како што најави Мисајловски, најверојатно ќе има и нов пакет за Министерството за одбрана, односно за Армијата. 

Во делот на кадарот, спомена дека годинава има 1.700 апликации за прием на нови војници, а за оние што наполниле 45 години е направено ново решение со кое тие треба да останат во Армијата. 

Почнавме процес како да им помогнеме на сите оние што навршуваат 45 години, зборуваме за војниците. Мора да ги пофалам началникот и целиот негов тим, кои направија одлично решение, кое е претставено на сите синдикати, а наредниот период ќе разговараме со сите страни за она што може да се измени и во наредниот период ќе влеземе во процес дали има потреба од измена на закон или само во делот на формацијата со цел да помогнеме сите овие луѓе да останат во Министерството. Иако и сега постојат опции да останат во Министерството, но со ова решение сакаме да бидат дел од Армијата бидејќи тие луѓе вредат и заслужуваат да останат во Армијата – рече Мисајловски.

Поврзани вести