
Како Универзитет, имаме нулта толеранција за корупција. Во академската заедница нема место за никој што ја злоупотребува својата позиција, го нарушува интегритетот на образованието и ја изневерува довербата што му е дадена – се потенцира во соопштението од Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип по денешното приведување на 39-годишната Т. А., професорка на Факултетот за медицински науки, која побарала мито од 300 евра од студент од Република Турција за да положи испит.
Во соопштението од УГД – Штип се наведува дека, за жал, ниеден систем не е целосно имун на поединци што се подготвени да го прекршат законот и да ја злоупотребат довербата што им е укажана.
– Токму затоа целосно ги поддржуваме активностите на надлежните институции во борбата против корупцијата. Само со професионални, законити и неселективни постапки може да се откријат, санкционираат и трајно да се отстранат ваквите појави од академскиот систем. Веруваме дека токму ваквите постапки се единствениот пат кон посилни, поздрави и покредибилни институции. Така се штитат интегритетот, угледот и достоинството на високото образование и се зајакнува довербата на јавноста во академските институции – велат од УГД – Штип.
Раководството на УГД – Штип ги повикува сите што имаат сознанија за корупција или други незаконски дејства да не молчат. На Универзитетот постојат воспоставени механизми за пријавување вакви случаи и секој може без страв да ги искористи.
– Истовремено, ги охрабруваме сите ваквите сознанија директно да ги пријавуваат и до надлежните институции. Само со навремено пријавување, професионално постапување и доследно почитување на законот можеме да изградиме систем во кој знаењето, чесноста и личниот интегритет ќе бидат единствените критериуми за успех, а оние што ја злоупотребуваат довербата што им е дадена нема да имаат место во академската заедница – се вели во писменото соопштение од УГД – Штип.
МИА

Македонски



