Skip to main content

АД МЕПСО: Го прифаќаме извештајот на ДЗР и веќе спроведуваме мерки за надминување на затекнатите слабости

АД МЕПСО соопшти дека го прифаќа извештајот на Државниот завод за ревизија (ДЗР) за работењето во 2024 година и дека веќе презема мерки за отстранување на утврдените слабости, кои, како што наведуваат, во голем дел потекнуваат од претходни раководства. Од компанијата нагласуваат дека новото раководство нема намера да ги игнорира или релативизира ревизорските наоди, туку ги користи како основа за подобрување на управувањето со имотот, инвестициите, финансиското работење и човечките ресурси.

Според МЕПСО, дел од утврдените состојби се резултат на долгорочни процеси, договори и имотно-правни прашања што се акумулирале со години, уште од формирањето на компанијата во 2004 година. Од компанијата информираат дека се преземаат активности за регулирање на сопственоста на далноводи, трафостаници и земјиште, како и за подобрување на сметководствената евиденција. Формирана е и заедничка работна група со ЕВН Македонија за уредување на сопственичките односи кај трафостаниците.

Во текот на 2025 година, МЕПСО активирал и евидентирал завршени инвестиции во вредност од околу 18 милиони евра кои претходно не биле соодветно внесени во деловните книги, со што, како што велат, се обезбедува пореална слика за вредноста на имотот и подобра основа за утврдување на тарифите. Компанијата посочува дека дел од инвестициските проекти со години доцнат или се со зголемени трошоци, но дека се преземаат мерки за нивно деблокирање. Меѓу другото, е раскинат договорот за проектот „Скопје – Велес“, а за проектот „Валандово – Милетково“ се спроведуваат активности за комплетирање на документацијата и продолжување на постапката, додека тендерската постапка според правилата на ЕБОР е во тек.

МЕПСО информира дека проектот за 400 kV интерконективен далекувод со Албанија е реактивиран со нов изведувач, откако претходниот договор бил раскинат поради слаб напредок на терен. Проектот, како што се наведува, има стратешко значење за енергетската безбедност и регионалното поврзување.

Во насока на подобрување на финансиската дисциплина, се зголемени гаранциите на учесниците на пазарот на електрична енергија и се зајакнати механизмите за управување со дебаланси, со цел намалување на ризиците од ненаплатливи побарувања.

Во однос на вработувањата, од МЕПСО појаснуваат дека дел од постапките биле започнати и завршени пред доаѓањето на сегашното раководство, но дека ќе се работи на поголема транспарентност и појасни критериуми во идните процеси.

Компанијата наведува и дека сајбер-нападот се случил пред преземањето на новото раководство и дека бил надминат без нарушување на преносот на електрична енергија, при што се спроведуваат дополнителни мерки за зајакнување на безбедноста, вклучително и проект за Disaster Recovery локација.

Новото раководство на МЕПСО најавува изработка на акциски план за спроведување на препораките од ДЗР, со конкретни активности, рокови и надлежни служби, при што ќе се даде приоритет на регулирањето на сопственичките односи, подобрувањето на евиденциите, унапредувањето на контролите и зајакнувањето на сајбер-безбедноста.

Од компанијата додаваат дека ќе продолжат транспарентно да ја информираат јавноста и дека целта е стабилен, модерен и ефикасен електропреносен систем кој одговорно управува со државниот имот и ги поддржува стратешките енергетски проекти.

Поврзани вести