Skip to main content

Во Европската Унија расте бројот на лица што живеат сами

Во Европската Унија минатата година 16,5 проценти од населението живеело во едночлени домаќинства, а најголем удел на лицата кои живеат сами е регистриран во скандинавските и во балтичките земји, покажуваат податоците на европската статистичка агенција Евростат.

Над европскиот просек е и Германија, каде што секој петти жител, односно 20,9 проценти од вкупно околу 84 милиони жители, живеел сам, соопшти германскиот Сојузен завод за статистика „Дестатис“.

Тоа значи дека околу 17,3 милиони лица во Германија живееле во едночлени домаќинства. Во споредба со 2005 година, кога такви биле 14,2 милиони луѓе, овој број значително се зголемил.

Најголем дел од лицата кои живеат сами се постари граѓани. Кај лицата над 65 години, повеќе од една третина, односно 34,4 проценти, живеат сами, додека кај оние постари од 85 години таков е секој втор жител или 55,8 проценти.

Бројот на лицата кои живеат сами во Германија расте пропорционално со големината на населеното место. Во градовите со повеќе од 100.000 жители, нивниот удел изнесува 25,9 проценти, додека во општините со помалку од 20.000 жители е 17,2 проценти.

Просекот на лицата што живеат сами во ЕУ е 16,5 проценти, но разликите меѓу земјите се значителни.

Поголем удел отколку во Германија има во Литванија со 31,4 проценти, Финска со 25,8 проценти, Данска со 24,3 проценти, како и во Естонија и во Шведска, каде што уделот изнесува по 22 проценти.

На спротивниот крај на листата се Словачка со три проценти, Ирска со 8,1 процент и Полска со 9,2 проценти.

Иако лицата што живеат сами сочинуваат околу една петтина од германското население, нивниот удел во вкупниот број домаќинства е значително поголем. Од вкупно 41,1 милион домаќинства во Германија, дури 42,1 процент минатата година биле едночлени. 

Поврзани вести