Skip to main content

Предлогот на Законот за кривичната постапка е објавен на ЕНЕР

Министерството за правда (МП) инфомира дека Предлогот на Законот за кривичната постапка е објавен на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР), со што започнува јавната консултација за едно од најзначајните законски решенија во областа на правосудството.

Како што информираат од МП, предлог-законот содржи решенија за унапредување на одредбите што се однесуваат на конфискацијата, правата на жртвите на кривични дела, мерките за пронаоѓање и обезбедување лица и предмети, електронските докази, посебните истражни мерки, финансиските истраги, увидот во списите, одржувањето рочишта и изведувањето докази на далечина, постапувањето по обвинителен акт, главната расправа, правните лекови, скратената постапка и други аспекти на кривичната постапка.

Предлогот е усогласен со јуриспруденцијата на Европскиот суд за човекови права, како и со меѓународните и европските стандарди. Воедно, законот е усогласен со 18 директиви на Европската Унија, особено во делот на процедуралните права на осомничените и обвинетите лица, правата на жртвите и конфискацијата – нагласувата од Министерството за правда.

Најзначајните новини во Предлогот на Законот за кривичната постапка се: Подобрување на одредбите за конфискација; Дигитализација на кривичната постапка; Ревидирање на одредбите за посебните истражни мерки; Унапредување на процедуралните права на осомничените и обвинетите лица, како и правата на жртвите согласно законодавството на Европската Унија; Усогласување со Законот за АРО, Законот за управување со конфискуван имот, имотна корист и одземени предмети во кривична и прекршочна постапка и Законот за исплата на паричен надоместок на жртви од кривични дела со насилство; и Отстранување на недостатоците утврдени во досегашната практика.

Со предложените решенија, се вели во соопштението од МП, се создава основа за поефикасна, потранспарентна и помодерна кривична постапка, усогласена со европските стандарди и потребите на современиот правосуден систем. 

Поврзани вести