
Ротинско Езеро, планинските падини на Пелистер, електронска музика, велосипедски патеки и стотици посетители кои одлучија да бидат надвор од градот. Така изгледаше третото издание на Project 7000, годинава реализирано под името „Протокол Мираж“, кое го претвори Ротинско Езеро во место каде што се сретнаа природата, авантурата и современата музичка култура.
Настанот започна уште во текот на денот со организирани hiking и biking активности. Дел од посетителите ги истражуваа планинските патеки околу езерото, додека велосипедската програма беше реализирана во соработка со Екстрим Бајк Клуб Битола, кој активно работи на промоција на велосипедизмот и локалните велосипедски рути во регионот.
Во музичкиот дел настапи на MiLo, Manuel Kane, Kiki Botonaki и Nikifor, кои низ повеќечасовен сет создадоа атмосфера што траеше повеќе часови. Значајна улога во реализацијата на настанот имаше и Националниот парк Пелистер, кој беше партнер во организацијата и овозможи една од највпечатливите природни локации во земјата да стане сцена за уште едно издание на Project 7000.
Она што го издвојува Project 7000 од класичните музички настани е идејата дека дестинацијата е подеднакво важна како и програмата. Наместо публика која доаѓа само на концерт, концептот создава посетители кои доаѓаат да го доживеат просторот, природата и заедницата што се создава околу нив.
По успешните изданија „Ski You Later“, „Дива Ботаника“ и годинашниот „Протокол Мираж“, организаторите веќе го најавуваат следното поглавје на приказната. Следниот Project 7000 е закажан за септември. Локацијата сè уште останува тајна. Но ако судиме според досегашните изданија, повторно ќе биде место до кое не се стигнува случајно

Македонски



