
Владата на Бугарија работи на квалитетна промена на економската клима и на привлекување инвестиции со висока додадена вредност, кои ќе ја поддржат модернизацијата на бугарската економија. Ова го изјави бугарскиот премиер Румен Радев на средбата во Министерскиот совет со управниот директор на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Кристалина Георгиева, и со шефот на мисијата на Фондот за Бугарија, Фабијан Борнхорст, соопшти владината прес-служба.
За време на разговорот биле разгледани перспективите пред бугарската економија, неопходните реформи за зголемување на конкурентноста, како и улогата на новите технологии и на вештачката интелигенција.
Радев истакна дека Бугарија е меѓу земјите во Европската Унија со најнизок јавен долг, но нагласи дека тоа не треба да нѐ смирува, бидејќи во последните години земјата е меѓу членките на ЕУ што зеле најмногу кредити.
Во последните пет години економскиот раст се формираше главно од стимулираната внатрешна потрошувачка, додека инвестициите и индустриското производство заостануваа. Мораме да го промениме моделот на раст и да ги вратиме инвестициите, производството и извозот во центарот на економскиот развој. Само така можеме да постигнеме одржлив раст, повисока продуктивност и подобри приходи за граѓаните“, изјави тој.
Радев, исто така, забележа дека приоритет на новата влада е намалувањето на административниот товар за бизнисот и создавањето средина која ќе ги поттикнува инвестициите и ќе ги направи процесите во економијата потранспарентни. Во таа насока, премиерот го истакна значењето на платформата за транспарентност на јавните набавки „СИГМА“ и нагласи дека зголемената транспарентност при нивното спроведување е јасен сигнал до општеството и до бизнисот за промена во начинот на кој работат институциите.
Бугарскиот премиер ја нагласи и стратешката важност на Бугарија како мост меѓу Европа и Азија, со потенцијал за развој на транспортните, енергетските и на дигиталните коридори. Според него, добрите традиции на бугарското образование во областа на точните науки треба да бидат поддржани со оглед на потребата од подготовка на повеќе инженери, ИТ-специјалисти и висококвалификувани кадри.
Бугарската новинска агенција БТА потсетува дека минатата недела вицепремиерот и министер за финансии, Гоце Донев, и Кристалина Георгиева разговараа за глобалните економски предизвици и за потребата од поголема одржливост на економиите во услови на засилени геополитички ризици, климатски промени и забрзано навлегување на новите технологии.

Македонски



