
Вечерва во Кинотека на Македонија, со почеток во 20:30 часот, ќе имате можност да го проследите македонскиот историски игран филм „Балканот не е мртов“, во режија на Александар Поповски. Филмот е инспириран од драмскиот текст на Дејан Дуковски и нè носи во Битола на почетокот на 20 век, во периодот на распаѓањето на Отоманската Империја.
Низ приказна исполнета со љубов, копнеж, предавство и судбински избори, филмот го следи животот на едно македонско семејство кое се обидува да опстане во време на големи историски и општествени промени. Во главните улоги настапуваат Никола Ристановски, Наташа Тапушковиќ, Драгана Костадиновска, Раде Шербеџија, Благој Веселинов и Никола Ацески.
„Балканот не е мртов“ беше прикажуван на повеќе меѓународни фестивали и останува едно од позначајните македонски филмски остварувања од поновата продукција. Сценариото го потпишуваат Дејан Дуковски, Ана Ласиќ и Александар Поповски, кои создаваат впечатлива филмска хроника за судирот меѓу личните желби и историските превирања.
Не ја пропуштајте оваа визуелно богата и емотивна приказна за љубовта, идентитетот и Балканот на пресвртница. Ве очекуваме вечерва во 20:30 часот во Кинотека на Македонија!
„Балканот не е мртов“ е студиски филм, реализиран во пост-модернистички манир, кој со многу пародија, преку матрицата на театарска претстава, ја раскажува приказната за крајот на владеењето на Отоманскиот султанат на Балканот. Тенденциозниот студиски пристап во реализацијата на филмот, неговата нереална сценографија и специфичното осветлување, театарските кулиси и сценографски решенија што ги заменуваат реалните филмски простори, како и интересните пародизирани љубовни стории, адекватно се надоврзуваат на мимиката, гестовите и гласовните ефекти што ја обележуваат актерската игра. Приказната, која се гради врз фонот на историските настани предизвикани од Младотурската револуција, е инспирирана од текстот на македонската народна песна „Ајде слушај, слушај, калеш бре Анѓо“ и се плете околу главнот лик, ликот на Осман-бег, турски феудален владетел со афинитет за уметност, кој го убива војводата Дамјан и се вљубува во неговата вереница Анѓа, која ја грабнува, но не сака да ја земе на сила. Анѓа, по упорното одбивање да попушти пред Осман-бег, на крајот на филмот, за да го спаси бегот од судење, прифаќа да се омажи за него, со тоа што во оваа, пародизирана варијанта на песната, Анѓа не се „потурчува“, туку неа и Осман ги венчава православен свештеник.
Во другата, паралелна љубовна приказна, инспирирана од предание, сестрата на Анѓа – Елени Каринте, е несреќно вљубена во воениот питомец Мустафа Кемал, кој подоцна, под прекарот Ататурк, ќе ја реформира Турција. Таа го чека во текот на целата филмска приказна, а на самиот крај на филмската нарација кога Кемал пристигнува, изјавувајќи ù љубов, ù порачува дека тој ќе ù се посвети на револуцијата.
Во филмот се зборува на македонски, а во неколку реплики и на француски, турски и германски јазик.
Проекции
Среда, 17 јуни20:30
Оригинален јазик
150 ден
Улоги
Ацевски Никола, Веселинов Благој, Ристановски Никола, Симонов Јордан, Шербеџија Раде

Македонски



