
Со предложените измени, секој полнолетен граѓанин, при посета на својот матичен лекар, ќе даде изјава дали се согласува или не по неговата смрт да биде дарител на органи и ткива заради лекување, а таа изјава ќе се евидентира во листата во националниот систем за електронски евиденции во здравството – Мој Термин. Законот предвидува и можност граѓанинот во секое време да ја промени својата одлука.
Со овие измени, првпат државата ќе има попрецизна слика за подготвеноста на граѓаните, како и за нивото на информираност и доверба кон органодарителството.
Истовремено, со предложените измени се проширува и кругот на живи дарители, така што покрај досегашните сродници ќе бидат опфатени и други сродници во странична линија до четврти степен, односно и првите братучеди, при што се задржува заштитниот механизам преку етичката комисија, која ќе ја проверува доброволноста на чинот и отсуството на принуда.
Дополнително, се предвидуваат и други решенија за олеснување на постапките, вклучително и поедноставување на административно-техничките чекори во делот на утврдување и потврдување на мозочната смрт.
Со ова законско решение правиме важен чекор кон систем во кој волјата на граѓанинот ќе биде јасно изразена, поцврсто заштитена и подоследно почитувана. Чинот на органодарителство ќе произлегува од слободна и информирана одлука. Во исто време, со проширувањето на кругот на живи дарители создаваме нови можности за лекување, секогаш во строги медицински, етички и законски рамки – вели министерот за здравство, Азир Алиу.(МИА)

Македонски



