Skip to main content

Бугарски психолог советува: Душата и телото не треба да ги разделуваме, неизбежно си влијаат едно на друго и се лекуваат заедно

 -Во ера на динамично секојдневие, дигитална преоптовареност и сè почести соочувања со емоционалното прегорување (burnout), грижата за менталното здравје станува примарен предизвик за современиот човек. Токму во овој контекст, на социјалните мрежи во регионот, вклучително и кај нас, сè поприсутни и посподелувани стануваат емпатични и исклучително практични совети на холистичката психологинка од Бугарија, Јана Котева.

Котева е применет психолог со магистерски студии на Пловдивскиот универзитет „Паисий Хилендарски“. Таа е специјалист за краткотрајна терапија насочена кон брзи решенија (Solution-Focused Brief Therapy – SFBT), водена од практичното мото „Има пат напред“. Она што ја прави нејзината пракса уникатна е спојот на поведенската и криминалната психологија со холистичкиот нутриционизам и психосоматската медицина – област која ја усовршува под менторство на италијански експерти од Центарот за лековити науки „Алхимија“.

Со импресивна бројка од над 15.000 реализирани онлајн консултации, наместо преку класичните медиуми, таа го гради својот силен бренд директно во дигиталниот простор, носејќи ја психологијата поблиску до луѓето во нивниотн најкомфорен амбиент – сопствениот дом.

„Луѓето често бараат комплицирани концепти за добар живот, а вистината е дека менталното здравје се потпира на достапни и сосема едноставни основи.Спијте доволно. Танцувајте во кујната. Пејте под тушот. Погрижете се за некој постар човек. Смејте се со дете. Полејте цвеќе. Нахранете животно. Но, не го започнувајте и не го завршувајте денот на социјалните мрежи“, ги советува Котева читателите на МИА.

Често нагласувате дека емоциите и физичкото тело се едно. Како конкретно ја поврзувате психосоматската медицина со холистичкиот нутриционизам во Вашата пракса? Може ли човек да излезе од емоционална криза ако не ги промени физичките и прехранбените навики?

-Навистина не треба да ги разделуваме психата и телото. Во мојата пракса секојдневно забележувам како непреработените трауматични искуства од минатото постепено се претвораат во несоница, анксиозност, нарушувања во исхраната или хронично прегорување (burnout). Биомолекулите во нашиот организам постојано реагираат на емоциите што ги преживуваме.

Пример за тоа е прекумерната активација на симпатичкиот нервен систем (реакцијата „бори се или бегај“). Ако премногу долго останеме во состојба на висок кортизол и адреналин, таа состојба станува хронична и нè води до хормонален дисбаланс, инсулинска резистенција, нарушувања во функцијата на штитната жлезда и проблеми со половите хормони.

Во таа смисла, пожелно е да работиме како со невидливите нишки на емоциите, така и со нивните мерливи телесни манифестации. Не можеме да тврдиме дека здравата исхрана или добриот сон решаваат сè, но душата и телото неизбежно си влијаат едно на друго и се лекуваат заедно.

Вашето мото е „има пат напред“ и претпочитате краткотрајна терапија насочена кон брзи решенија. Како успевате веднаш да најдете решение за сегашноста, без да губите време на долги анализи и копање по траумите од минатото?

-Минатото е основата и во него се кријат голем дел од одговорите на сите наши важни прашања, но не смееме да останеме затвореници на сопствената историја! Сум сретнала многу луѓе кои со години анализираат зошто биле повредени, но не прават ниту еден чекор кон тоа да заживеат подобро.

Затоа, ако треба да го опишам пристапот што го претпочитам, би го дефинирала вака: „Го почитуваме минатото, но работиме за иднината“. Да, со сигурност ќе ја побараме причината за начинот на кој се чувствуваме во најдлабоките слоеви на свесното и во сè што веќе било, но заедно со тоа ќе ја побараме и првата функционална можност за промена на размислувањето и навиките. Едно кратко дејство, кое се извршува посветено секој ден, има поголема лековита моќ од сто добри намери и три книги за самопомош.

Имате зад себе над 15.000 онлајн консултации. Како успевате преку екран, преку вибер или месинџер, да воспоставите вистинска емпатија и точно да ги „прочитате“ невербалните знаци кај клиентот кој се наоѓа со километри подалеку?

По 15.000 консултативни средби, можам да потврдам дека човечката блискост не зависи од оддалеченоста. Таа зависи од тоа дали некој навистина може и сака да ти помогне.

Добриот психолог умее да ги разликува нијансите во тонот, паузите меѓу зборовите, колебањето на гласот, неуловливите воздишки, зборовите што човекот ги избира и оние што ги премолчува. За време на онлајн средбите, луѓето се опуштаат многу повеќе бидејќи се наоѓаат во сопствената средина и се чувствуваат посигурни, поспокојни и заштитени.

За среќа, разбирањето, поддршката, љубовта кон професијата и кон луѓето, етиката и емпатијата не се прашање на физичка близина. Нив може да ги има и преку океани и километри, а може и да недостигаат додека стоиме на сантиметри едни од други.

Помагате на многу луѓе кои преживеале емоционално насилство. Кои се првите алармантни психосоматски симптоми кои покажуваат дека некој се наоѓа во деструктивна врска и како изгледа првиот, најтежок чекор кон враќање на изгубената самодоверба?

Првите сигнали обично се доживуваат како анксиозност, чувство на вина, страв да кажеш што мислиш, јасно да ги кажеш своите потреби, како и увeрението дека одиш по тенок мраз и никогаш не знаеш каква ќе биде реакцијата на човекот од спротива.

Најтешкиот чекор е моментот во кој човекот мора да си признае пред себе: „Ова не е полновредна врска, туку поврзаност заснована на траума и зависност.“ Од таму започнува враќањето кон сопствената вредност и достоинство.

Живееме во хаос од стрес, брза храна и социјални мрежи. На Вашиот фејсбук профил често споделувате листи со насоки, па затоа кажете ни директно: Кои се клучните навики за ментална хигиена што модернот човек мора веднаш да ги воведе во секојдневието за да спречи анксиозност и емоционално прегорување?

-Луѓето често бараат комплицирани концепти за добар живот, а вистината е дека менталното здравје се потпира на достапни и сосема едноставни основи.

Спијте доволно. Танцувајте во кујната. Пејте под тушот. Погрижете се за некој постар човек. Смејте се со дете. Полејте цвеќе. Нахранете животно. Но, не го започнувајте и не го завршувајте денот на социјалните мрежи. Наместо тоа, подарете си ги тие мигови себеси и слушнете што има да ви каже оној дел од вас што никој не го гледа. Многу е важно да научите да ја сакате сопствената компанија. И уште нешто: не останувајте премногу долго во врски што ве исцрпуваат повеќе отколку што ве збогатуваат и инспирираат.

Менталната хигиена е едноставна секојдневна грижа, а не дејство што го преземаме дури тогаш кога веќе сме прегореле.

Како, според Вашата пракса, функционира машкиот, а како женскиот ум кога ќе настане конфликт во врската? Како модерните партнери да ги усогласат своите улоги без мажот да ја изгуби машката, а жената својата женска енергија?

-Не ги сакам крајностите и генерализациите, бидејќи секој човек е различен. Но, во мојата пракса често гледам дека кога ќе се појави проблем, мажот ја набљудува целосната слика и бара практично решение, додека на жената прво ѝ се потребни топлина, потребно и е некој да ја ислуша и потребно и е разбирање.

И тука започнуваат конфликтите. Едниот нуди брз излез од ситуацијата, бидејќи тоа е неговиот начин да продолжи напред, а другиот има потреба прво да биде слушнат и виден, пред да донесе одлука и да го интегрира слученото како дел од приказната.

За мене, висококвалитетните односи не се битка меѓу машката и женската енергија. Добрата врска е средба помеѓу двајца зрели луѓе кои избираат да се почитуваат дури и тогаш кога мислат и чувствуваат на различен начин.

Во Вашите емотивни објави често пишувате за „внатрешното дете“ и за тоа дека не е сè наша вина. Кои се најчестите лузни што ни покажуваат дека сме ја изгубиле врската со тоа дете во нас и како практично да го „прегрнеме“ за конечно да си дозволиме чиста радост?

Сите ние во себе носиме едно насмеано дете, извалкано со лимонов сладолед по брадичката. Тоа дете го чува споменот за нашите први стравови, соништа, рани и копнежи.

Кога ќе ја изгубиме врската со него, стануваме премногу студени и прагматични. Стануваме работохоличари кои живеат, спијат и се хранат како роботи. Престануваме да им се радуваме на малите нешта: на новиот ден, на шолјата топло чоколадо, на убавиот залез. Тешко се поврзуваме, ако воопшто и успееме, со луѓето околу нас. Чувствуваме празнина и бесмисленост. Точно спротивното од животот што децата го водат на природен начин секој ден!

За мене, средбата со внатрешното дете е средба со сопствената ранливост и автентичност. Кога ќе престанеме да се бориме со самите себе, започнува длабокото и трајно исцелување.

Пишувате дека кога „силниот човек“ ќе замолчи и ќе си замине без сцени – тоа е дефинитивна одлука за спас. Кои се невидливите знаци дека некој кој со години бил „носечка карпа“ за сите околу себе ја достигнува оваа точка на кршење? Како овие луѓе да научат да побараат помош пред нивната тишина да стане трајно збогување?

-Не се грижам за луѓето кои умеат да плачат и знаат како да побараат помош навреме. Тоа се свесни и храбри луѓе. Повеќе се грижам за оние кои се насмевнуваат и велат „добро сум“, додека одвнатре целосно се распаѓаат.

Силните луѓе се навикнати да го носат целиот товар на својот грб. Тие даваат поддршка, но ретко си дозволуваат да ја побараат за себе. И кога еден таков човек ќе почне да се повлекува, да молчи и да губи интерес за светот околу себе, тоа е алармантен знак за емоционална и физичка исцрпеност.

Јас верувам дека најголемата сила на овој свет не е да стиснеш заби и да го изодиш патот на животот сосема сам. Најголемата сила е да кажеш „ми треба помош“, пред да биде премногу доцна

МИА

Поврзани вести