
На 18 јуни, со почеток во 20 часот, во Public Room ќе се одржи концертот „Lullaby for Lunatics“, првиот самостоен проект со авторска музика на контрабасистката, композиторка и мултиинструменталистка Андреа Мирческа.
Станува збор за музичко патување инспирирано од богатите бразилски звуци од периодот на Тропикалија, движење кое во шеесеттите години ги спои традицијата, психоделијата, авангардата и експериментот во еден препознатлив и слободоумен музички израз.
Во „Lullaby for Lunatics“, Мирчевска го поставува контрабасот во центарот на звучната приказна, создавајќи композиции што се движат помеѓу џезот, импровизацијата, современата музика и експерименталните форми. Публиката ќе има можност да доживее концерт во кој инструментите комуницираат меѓусебно, и создаваат атмосфери, пејзажи и емоционални светови во кои ноќта дише во сопствен ритам.
На сцената ќе настапи Андреа Мирческа квинтет во состав: Андреа Мирческа – контрабас, клавијатури, вокал, Драган Теодосиев – тапани, Филип Букршлиев – гитара, Благојче Томевски – кларинет и бас кларинет и Нинослав Спировски – тенор и сопран саксофон.
Концертот претставува можност за средба со нов авторски глас на домашната музичка сцена и со музичари кои преку колективна импровизација и современ израз ги поместуваат границите на жанровите. Визуелниот идентитет на проектот е дело на Љубен Трајаноски. Билетите се достапни преку tix.mk.

Македонски



