
Македонското музичко дуо „Алембик“ на 11 јуни ќе го промовира својот втор студиски албум „Без никого да удриш“ со концерт во Денсинг салата на Младинскиот културен центар во Скопје. Настанот ќе започне во 20 часот.
„Алембик“ го сочинуваат Ива Дамјановски, која свири клавијатури и теремин и е вокалистка на составот, и Виктор Танасковски, гитарист и вокал. Нивниот прв, истоимен албум беше објавен во 2022 година и тематски се занимаваше со односот меѓу природата и технологијата, истражувајќи ги нивните конфликти, но и можностите за симбиоза.
По бројни настапи низ Европа, меѓу кои и неодамнешниот концерт во Даблин, дуото се враќа пред домашната публика со нов материјал. Албумот „Без никого да удриш“ е посветен на борбата против насилството, тема што се провлекува низ сите песни.
Во снимањето на албумот учествувале и Андреа Мирческа на бас-гитара, Драган Теодосиев на тапани и Филип Ефински како гостин на неколку композиции.
Покрај концертната промоција, посетителите ќе имаат можност премиерно да го погледнат и документарниот филм за процесот на создавање на албумот, во режија на Теона Христовска. На настанот ќе биде достапно и првото винилно издание на „Алембик“, реализирано во продукција на „Мртов коњ“ и „Ракамакафон“.
Како најава за концертот, бендот во вторникот го објави и видеоспотот за песната „Милосрдие“.

Македонски



