Skip to main content

„Архангел“ го претстави видеозаписот за „Дни оловни“ снимен во култната шалтер-сала на Македонска пошта и го најави претстојниот концерт „Срцевина“

Македонската рок група „Архангел“ денеска на прес-конференција го најави претстојниот концерт „Срцевина“ и премиерно го претстави новиот видеоспот за песната „Дни оловни“.

Новиот видеозапис за „Дни оловни“ е сниман во една од најмоќните и најболни урбани сцени на Скопје, опожарената шалтер-сала на Поштата. Просторот, со својата сурова убавина, пепел, празнина и архитектонска меланхолија, станува визуелна продолжница на тежината што ја носи песната. Видеозаписот е еден вид креативно загревање за нивниот голем самостоен концерт кој ќе се одржи на 13 јуни на Стадионот на АРМ. Синглот е изработен во соработка со продуцентот Марко Миличевиќ.

Фронтменот Ристо Вртев, рече дека прво настанала песната, а потоа се создала синергија од која се понатаму се реализирал проектот.

Пошта е симбол на градот. Таа е направена за да ни го претстави градот, и тоа што се дозволи да и се случи претставува културен геноцид. Без култура, без духовност, идентитетските прашања нема да се поставуваат. Навистина во таа смисла и песната и амбиентот придонесоа за успехот така што јас сум среќен поради сето ова, рече Вртев.

Повеќе од две децении по нивниот последен студиски албум, „Архангел“ официјално се враќа со нова музика. Со објавувањето на синглот „Дни оловни”, чиј автор на музиката и текстот е фронтменот Ристо Вртев, бендот го најавува своето петто дискографско издание во пресрет на големиот самостоен концерт „Срцевина”, закажан за 13 јуни на стадионот на АРМ во Скопје.

Звукот и лириката на „Дни оловни” носат специфична тежина и симболика. Песната концептуално го поврзува почетокот на 44-годишната кариера на Вртев со нејзиното денешно продолжение. Синглот е одраз на уметничката зрелост на авторот, притоа задржувајќи ја во целост бескомпромисната автентичност на музичкиот и лирскиот израз кој е заштитен знак на Архангел. Преку овој континуитет, Архангел докажува дека остриот израз на бендот останува подеднакво релевантен и денеска.

Синглот е снимен, миксан и мастериран во скопското студио „Clinic Sound” на Нино Спиркоски, а sound design е на Марко Миличевиќ – Gramophonedzie.

Објавувањето на „Дни оловни” претставува вовед во новото музичко поглавје на бендот пред средбата со публиката. На концертот, покрај генерациските хитови од досегашната дискографија, Архангел премиерно ќе изведат и дел од новите композиции во живо. 

Авторот и реализатор на видеоспотот Иво Антов, рече дека снимањето на спотот во зградата на Пошта е голема работа бидејќи се снима во македонскиот Чернобил.

Еден таков објект со толку големо значење за нашата култура заслужуваше добра музика и ми се отвори небото кога видов дека „Архангел“ и Пошта ќе бидат на едно место, а останатото е историја, рече Антов.

Цвета Спасова, организатор на концертот и извршен директор на „Adriatica Records“ рече дека соработката дошла спонтано и предвидува дека по реализацијата на петтиот албум ќе следува турнеја во регионот.

. Преку видео-врска се обрати и музичарот Васил Хаџиманов, кој ќе биде гостин на концертот и рече дека му претставува големо задоволство што ќе биде дел од концертот на култната група „Архангел“.

Поврзани вести