Skip to main content

Читачка средба за „Човековата потрага по смисла“ од Виктор Франкл денеска во КСП Центар Јадро

Читачка средба за „Човековата потрага по смисла“ од Виктор Франкл на 8 јуни (понеделник) | 15:30.

Што останува од човекот кога ќе му биде одземено речиси сè? И дали смислата е нешто што се пронаоѓа или нешто што се создава дури и во најнеподносливите околности?

На оваа средба ја читаме „Човековата потрага по смисла“ од Виктор Франкл, едно од највлијателните дела на 20 век кое ги спојува психологијата, филозофијата и личното сведоштво. Првпат објавена во 1946 година, книгата се темели на искуствата на Франкл како затвореник во нацистичките концентрациони логори и претставува длабока рефлексија за човечката издржливост, слободата и потребата од смисла дури и во најекстремни услови.

Преку сопственото искуство и развојот на логотерапијата, oвој психотерапевтски пристап е заснован на идејата дека потрагата по смисла е основна човекова потреба. Франкл поставува прашања за тоа што му овозможува на човекот да опстане, како се одржува надежта и каква е улогата на одговорноста, љубовта и достоинството во услови на страдање. Наместо книга која нуди едноставен оптимизам, „Човековата потрага по смисла“ е обид да се мисли човечката состојба низ искуството на загуба, ранливост и отпор.

Виктор Франкл (1905 – 1997) е австриски невролог, психијатар и филозоф, основач на логотерапијата и еден од најзначајните мислители во областа на егзистенцијалната психологија. Неговото дело има огромно влијание врз психологијата, филозофијата, теологијата и современите дебати за менталното здравје, етиката и смислата на животот.

Средбата е отворена за сите заинтересирани, без разлика дали книгата сте ја прочитале целосно, делумно или допрва сакате да се вклучите во дискусијата.
Оваа иницијатива се реализира во партнерство со Фондација Фридрих Еберт Скопје. Friedrich-Ebert-Stiftung Skopje

П.С. Посетете ја нашата бесплатна библиотека, во која се содржани книги од претходните сезони на клубот, а сите заинтересирани можат бесплатно да ги изнајмат кај нас. 

Поврзани вести