Skip to main content

САД најавија преиспитување на својата улога во БиХ поради несогласувања со европските сојузници за изборот на нов висок претставник

Американската администрација ги обвини европските држави дека се одговорни за тоа што сè уште не е избран нов висок меѓународен претставник за Босна и Херцеговина, истовремено предупредувајќи дека поради тоа ќе ги преиспита својата улога и ангажманот во земјата.

Управниот одбор на Советот за спроведување на мирот во БиХ (ПИК), на дводневната седница што заврши вчера во Сараево, не успеа да избере личност што ќе го наследи Кристијан Шмит на функцијата висок претставник на меѓународната заедница задолжен за надзор на спроведувањето на Дејтонскиот мировен договор.

По состанокот зад затворени врати, Амбасадата на САД во Сараево преку објава на социјалната мрежа „Икс“ потврди дека американски фаворит за функцијата бил италијанскиот кариерен дипломат Антонио Занарди Ланди.

Американската страна ги обвини европските земји дека го блокирале неговото именување.

Во соопштението се наведува дека делегацијата на САД се обидела да обезбеди консензус за заедничка визија и „висококвалификуван италијански кандидат, искусниот дипломат и амбасадор Антонио Занарди Ланди“.

Вашингтон потсети и на изјавата на американскиот државен секретар Марко Рубио, кој го посочил италијанскиот дипломат како личност за која администрацијата на претседателот Доналд Трамп смета дека „би ја извршувала оваа работа успешно“.

Соединетите Американски Држави го забележуваат европскиот неуспех да се постигне консензус за европски кандидат и се разочарани што овие поделби го спречија ПИК да ја исполни својата задача и да избере нов висок претставник. Европската неодлучност и откажувањето на ПИК од неговата должност кон БиХ ги принудуваат САД да ја преиспитаат својата улога во сегашното меѓународно присуство во Босна и Херцеговина, се наведува во остро интонираното американско соопштение.

Не е прецизирано што конкретно би значело таквото преиспитување, но САД досега беа најголемиот поединечен донатор за работата на Канцеларијата на високиот претставник (ОХР), како и постојана членка на Управниот одбор на ПИК.

Според достапните информации, влијателни европски земји, како Франција, Германија и Велика Британија, имаат резерви кон Занарди Ланди токму поради инсистирањето на САД на неговото именување.

Наместо него, Франција го предложила својот специјален пратеник за Западен Балкан, Рене Троказ.

Сегашниот висок претставник Кристијан Шмит, по неуспешната седница на Управниот одбор на ПИК, изјави дека очекува негов наследник да биде избран набргу посочувајќи дека тоа би можело да се случи до крајот на јуни.(МИА)

Поврзани вести