
Топлотен бран од Африка се движи кон Турција и во наредните денови ќе доведе до значително зголемување на температурите во поголемиот дел од земјата, јавува турската приватна телевизија НТВ.
По обилните врнежи во мај, во првата недела од јуни температурите почнаа постепено да растат. Според турските метеоролози, топол воздух од Африка ќе ја зафати земјата, при што во повеќе региони температурите ќе надминат 30 степени, а на сонце ќе се приближат до 40 степени.
Во Истанбул оваа недела термометрите ќе покажуваат над 30 Целзиусови степени. Слични ќе бидат температурите и во Егејскиот регион. Најсилно ќе биде чувството на жештина во Средоземна Турција, каде на сонце температурите ќе бидат околу 40 степени.
Во Црноморскиот регион, Централна и Источна Анадолија се очекуваат краткотрајни, но интензивни врнежи од дожд и грмежи.
Метеоролозите прогнозираат дека топлотниот бран ќе се задржи и во текот на претстојниот викенд.(МИА)

Македонски


