
Македонија е меѓу првите пет европски земји според растот на бруто-домашниот производ, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика и Еуростат, соопшти денеска премиерот Христијан Мицкоски на прес-конференција посветена на економските показатели.
Тој истакна дека според официјалните податоци на Еуростат, земјава се наоѓа на петтото место во Европа според растот на БДП, веднаш зад Малта, Полска и Србија, нагласувајќи дека ова е седми квартал по ред во кој македонската економија бележи раст што ја позиционира меѓу најуспешните во Европа.
„Ова не се бројки на Владата, ниту на политичките партии, туку официјални податоци на Еуростат. Седум квартали по ред Македонија е во првата половина на Европа според економскиот раст, а сега и меѓу првите пет земји“, рече Мицкоски.
Премиерот се осврна и на индустриското производство, кое во април годинава бележи раст од 7,6 проценти во споредба со истиот месец лани. Според него, во првите четири месеци од годинава индустриското производство е во позитивна зона и покрај, како што рече, глобалната енергетска криза и предизвиците со кои се соочува европската економија.

Дополнително, Мицкоски посочи дека расте и бројот на вработени. Според податоците што ги презентираше, на крајот на март 2026 година во државата имало 707.385 вработени лица, што е за околу 16.000 повеќе во споредба со јуни 2024 година, кога беше избрана актуелната Влада.
„Овие бројки покажуваат дека Македонија забрзува и се движи напред. Со скромни ресурси успеваме да обезбедиме инвестиции, да отвораме нови работни места и да ги решаваме проблемите што ги наследивме“, изјави премиерот.

Тој нагласи дека резултатите се постигнуваат во услови на глобални економски, безбедносни и политички предизвици, инфлациски притисоци и геополитичка неизвесност, но дека државата сепак бележи позитивни трендови.
Според Мицкоски, економскиот раст не е само статистички податок, туку доказ за вложувањата, инвестициите и политиките што треба да обезбедат повисоки плати, нови работни места и подобар животен стандард за граѓаните.
Во своето обраќање тој порача дека Владата ќе продолжи со економските реформи, поддршката на инвестициите и борбата против корупцијата, нагласувајќи дека правдата и законите мора да важат еднакво за сите.
„Нашата цел е силна, стабилна и конкурентна економија што ќе создава нови работни места, повисоки плати и подобар животен стандард. Заедно, чекор по чекор, ја градиме иднината на државата“, порача Мицкоски.

Македонски


