Skip to main content

ЕК препорачува целосно укинување на внатрешните гранични проверки помеѓу земјите од Шенген зоната

Европската комисија денеска препорача целосно укинување на внатрешните гранични проверки меѓу земјите од Шенген зоната (Австрија, Данска, Франција, Германија, Италија, Холандија, Норвешка, Словенија и Шведска), кои продолжуваат да вршат проверки на внатрешните граници.

ЕК препорачува постепено укинување на проверките со оглед на претстојното стапување во сила на новите европски правила за азил и миграција на 12 јуни.

Законодавството на ЕУ дозволува привремено воведување на такви гранични проверки под одредени услови и бара од ЕК да издаде мислење кога проверките траат повеќе од 12 месеци.

Според ЕК новите правила на ЕУ ќе ја подобрат безбедноста на надворешните граници на ЕУ и ќе го олеснат следењето на движењата во Шенген зоната. Промените ќе го олеснат идентификувањето кој, кога и каде ја преминал надворешната граница на ЕУ.

Земјите-членки можат повторно да воведат гранични проверки во случај на сериозна закана по јавниот ред или внатрешната безбедност, се наведува во соопштението на ЕК.

ЕК истакнува дека постојат и други одржливи опции за замена на привременото повторно воведување на внатрешните граници, како што се непостојани полициски проверки и видеонадзор на возила.

Австрија, Данска, Франција, Германија, Италија, Холандија, Норвешка, Словенија и Шведска воведоа проверки на внатрешните шенгенски граници поради безбедносни проблеми, главно поврзани со миграцијата кон ЕУ во изминатата деценија. (МИА)

Поврзани вести