
Премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање за оставката на вицепремиерот за добро владеење Арбен Фетаи, рече дека истата ќе биде архивирана утре, додека во однос на реконструкцијата на Владата, посочи дека ќе се разговара со коалициските партнери.
-Jас неколку пати во минатото зборував дека ние разговаравме. Господинот Фетаи поднесе оставка денеска, таа ќе биде архивирана утре. Така што, како што знаете, во јуни не очекува реконструкција на Владата, и ќе видиме ќе разговараме со нашите коалициони партнери во рамките на Владата, рече Мицкоски.
Посочи дека Фетаи во оставката се заблагодарува за работата со него како премиер, како и со останатите колеги во рамките на Владата.
На новинарско прашање кога ќе биде реконструкцијата и кои министерски места ќе се сменат, рече дека во соодветно време јавноста ќе биде информирана за сите детали околу реконструкцијата.
Фетаи денеска соопшти дека поднел оставка од функцијата и ја доставил до премиерот Христијан Мицкоски. Во објавата на Фејсбук во која информира за оставката, Фетаи вели дека од функцијата заминува со крената глава и чиста совест.
– Ова е добро смислена одлука, донесена со уверување дека во моменталните околности е најправедниот и најдостоинствениот чекор. Во текот на овие две години имав чест и привилегија да ѝ служам на земјата, придонесувајќи за реформи насочени кон зајакнување на одговорноста, транспарентноста и владеењето на правото. Им благодарам на сите што веруваа во мене, ме поддржуваа и соработуваа на ова патување. Дали сум целосно задоволен со постигнатото? Секако дека не. Секогаш има место за повеќе и за подобро. Но, дали работев со најголема посветеност да поставам цврсти темели на кои може да се гради понатаму? Без двоумење, да, наведува Фетаи.
Во оставката, тој изразува благодарност за укажаната доверба да ја врши функцијата вицепремиер за добро владеење, но додава дека во сегашните околности, повеќе не постојат неопходните услови за функцијата да ја извршува со потребната ефикасност и од тие причини се повлекува од должноста,

Македонски


