
Само еден од двајца анкетирани планираат да одат на одмор годинава, осум од десет одбираат поекономични типови одмор (викендички, изнајмени соби), додека пак мнозинството ја одбираат континентална Грција, за да ги избегнат трошоците за траекти, покажуваат резултатите од истражувањето спроведено од грчкиот Институт за истражување на малопродажба на стоки за широка потрошувачка (ИЕЛКА), јави дописничката на МИА од Атина.
Од анкетираните, 50 отсто одговориле дека не планираат летен одмор, а од останатите, 34 проценти рекле дека нивниот одмор ќе биде ограничен, 14 отсто ќе патуваат како и секоја година, а само два проценти од анкетираните планираат да одморат повеќе денови од обично.
Најголемиот дел (42 проценти) од оние кои планираат одмор, очекуваат да трае од четири до седум дена, а за 29 отсто од осум до 14 дена.
Во однос на тоа каде ќе го поминат одморот, мнозинството избираат престој во викендички, во нивните (35 отсто) или во викендичките на други лица (18 проценти) или во изнајмени приватни апартмани и соби (35 отсто), 14 проценти ќе одбере хотели, а само девет отсто од анкетираните ќе заминат во странство.
Генерално, се забележува тенденција грчките граѓани да избираат поекономични решенија за одмор со цел да заштедат пари за да можат да реализираат некое патување или да го продолжат времетраењето на одморот. Поскапите опции, како „all inclusive“ хотели и крстарења, бележат исклучително ниски проценти, пишува во истражувањето.
Во однос на дестинациите, речиси шест од десет анкетирани ја одбираат континентална Грција, особено крајбрежните области, а 38 отсто ги одбираат островите.
Резултатите покажуваат јасно насочување кон домашни и подостапни дестинации и избегнување на трошоците за траект, посочуваат од ИЕЛКА.
Според истражувањето, најголемо негативно влијание врз годишните одмори имаат намалените приходи (62 отсто) и зголемените трошоци за патување, односно зголемената цена на билетите (62 проценти), високите цени во угостителските објекти (57 отсто) и зголемените трошоци за сместување (46 отсто).
Општо земено, резултатите покажуваат јасен тренд на штедење за време на летните одмори, генерално како резултат на намалениот расположлив приход и зголемените трошоци за превоз, сместување и храна. Овој тренд се изразува преку редовно подготвување оброци во местото на престој, избегнување трошоци за ресторани и интензивно купување храна од супермаркети, пекари, продавници за овошје и зеленчук и други локални бизниси, објаснуваат од Институтот.
Истражувањето било спроведено во текот на мај со учество на 700 потрошувачи од цела Грција и опфатило повеќе прашања поврзани летните одмори.(МИА)

Македонски


