
Во Кочани се одржа вистински празник на спортот, исполнет со енергија, насмевки и детска радост. Над 2.000 дечиња учествуваа на „Денот на спортот“, во рамките на Плазма Спортските игри за млади, кои за првпат оваа година се одржуваат во Македонија.
Поттикнувањето на спортскиот начин на живот, инклузијата, толеранцијата и другарството меѓу децата и младите е главната мисија на најголемиот спортско-аматерски настан во Европа – Плазма Спортските игри за млади, веќе цели 30 години. СИМ овозможува бесплатен спорт за сите деца, создавајќи еднакви можности и простор за развој на младите таленти.
Младите спортисти беа поздравени од претседателката на Плазма Спортските игри за млади во Македонија, Елена Мицковска, градоначалникот на Кочани, Влатко Грозданов, кој свечено ги прогласи Игрите за отворени, како и Александар Андов, потпретседател на Федерацијата на училишен спорт на Македонија.
Меѓу присутните спортски асови беше и двократниот балкански шампион во карате, Филип Стојанов, кому му припадна честа да го донесе факелот и симболично да го означи почетокот на СИМ. Заедно со него, на настанот беа присутни и фудбалерките од ЖФК Кочани, кои дополнително ја збогатија спортската атмосфера.
Претседателката на Плазма Спортските игри за млади во Македонија, Елена Мицковска во своето обраќање ги поздрави младите учесници, потенцирајќи дека спортот секогаш обединува, инспирира и гради вистински вредности кои остануваат за цел живот.
„Почитуван градоначалник на Кочани, Влатко Грозданов, почитуван претседател на Советот на Кочани и мој колега Александар Андов, почитувани професори и наставници, драги ученици,
Особено ме радува што оваа година повторно се дружиме, но во поразлична форма, преку Плазма Спортските игри за млади.
Драги деца, вие сте најважни – денес сме тука токму поради вас. Спортот нè обединува, нè прави подобри луѓе и преку него ги градиме вистинските вредности. Со ваква младина, Македонија нема причина да се грижи за својата спортска иднина.
Упатувам благодарност до градоначалникот на Општина Кочани, нашиот драг колега Оливер Јовановски, до Општинскиот спортски сојуз, како и до вас професорите кои интензивно работеа во изминатиот период за реализација на овој голем настан. Благодарност и до нашите спонзори: Плазма, Кока-Кола, Шпаркасе Банка и Шпаркасе Лизинг.
Посебна благодарност упатувам до премиерот на Република Македонија, Христијан Мицкоски, кој го препозна значењето на овој проект во интерес на младите.
Ние имаме една мисија – да ви овозможиме еднакво право да учествувате, да се забавувате, да се дружите и да се натпреварувате. Со најдобрите ќе се видиме на големата јубилејна 30-годишна завршница, која од 17 до 22 август ќе се одржи во Сплит.
Ви посакувам успешен ден исполнет со насмевки, дружење, фер-плеј и толеранција – да бидеме најдобра верзија од себе“, изјави претседателката на Плазма Спортските игри за млади во Македонија, Елена Мицковска.
Градоначалникот на Кочани, Влатко Грозданов ги прогласи Плазма Спортските игри за млади отворени.
„Почитувана претседателке, почитуван претседател на Советот на Општина Кочани, почитувани професори и драги дечиња,
Најсреќни сме кога гледаме радост во вашите очи, желба за игра, за дружење и за спорт.
Од мое име и од име на градот Кочани, упатувам благодарност до Владата на Република Македонија, до директорката и до Министерството за спорт. Нека Плазма Спортските игри за млади во Кочани прераснат во убава традиција.
Ги прогласувам Игрите за отворени“, истакна градоначалникот на Кочани, Влатко Грозданов.
На пристуните се обрати и Александар Андов, потпретседателот на Федерацијата на училиштен спорт на Македонија и селектор на македонската женска фудбалска репрезентација.
„Благодарност што сте присутни во толкав број. Чест и гордост е што Кочани е домаќин на вакви Игри, на еден масовен и значаен спортски настан. На нашиот град вакви настани му се повеќе од потребни.
Благодарност до сите кои се дел од организацијата. Кочани е центарот на Истокот – денес тука се најмладите, а токму тие се доказ дека градот повторно живее.
Нека победи најдобриот, а се надевам дека ќе имаме и наши претставници на финалето во Сплит“, порача потпретседателот на Федерацијата на училишен спорт на Македонија, Александар Андов.
Во Кочани младите „симовци“ се натпреваруваат во Coca-Cola Cup – турнир во мал фудбал во машка и женска конлуренција, мал фудбал 2015 годиште, ракомет во машка и женска конкуренција, атлетика, народна и баскет 3х3 во машка и женска конкуренција. Наскоро ќе ги дознаеме и победниците.

Македонски


