
Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) предупреди дека владите ширум светот мора внимателно да одговорат на растот на цените на енергијата и храната за да ги заштитат граѓаните и економијата, а притоа да не ги загрозат јавните финансии ниту дополнително да ја поттикнат инфлацијата.
Економистите на ММФ Пјер-Оливие Гуринша, Борха Грасија, Делфин Пради и Родриго Валдес во анализа наведуваат дека актуелниот енергетски шок, предизвикан од војната на Блискиот Исток и растот на цените на нафтата и гасот, претставува класичен негативен шок на понудата кој ја зголемува инфлацијата и го забавува економскиот раст.
ММФ оценува дека владите не треба да се обидуваат целосно да го запрат растот на цените преку широки субвенции и замрзнување на цените, освен во исклучителни ситуации, бидејќи таквите мерки можат да бидат многу скапи и тешко одржливи, како и дополнително да ја зголемат глобалната побарувачка за енергија.
Наместо тоа, Фондот препорачува привремена и таргетирана помош за најранливите домаќинства преку готовински трансфери и постојните системи за социјална заштита, со цел да се зачуваат пазарните ценовни сигнали и да се ограничат буџетските трошоци.
Експертите на ММФ предупредуваат дека посиромашните домаќинства трошат два до трипати поголем дел од приходите на енергија и храна отколку побогатите слоеви на населението, поради што се особено изложени на растот на цените.
Во врска со компаниите, ММФ препорачува краткорочна помош за ликвидност, како што се државни гаранции за кредити, даночни одложувања и кредитни линии, наместо директни субвенции или вбризгување капитал.
Фондот наведува дека општите субвенции за енергија, намалувањето на даноците или контролата на цените би можеле да бидат оправдани само ако шокот е привремен, ако постои ризик од неконтролиран раст на инфлацијата и ако државата има доволно фискален простор за да ги поднесе трошоците.
ММФ истакнува дека земјите во развој се во потешка позиција од развиените економии поради послабите социјални системи, поголемиот удел на храната и енергијата во потрошувачката на граѓаните и поскапото задолжување, се вели во анализата објавена на веб-страницата на Фондот.
Во заклучокот од анализата, Фондот порачува дека владите треба да применуваат „дисциплиниран и постепен пристап“, почнувајќи од таргетирани и привремени мерки, со дополнителни интервенции само доколку кризата се продлабочи.(МИА)

Македонски


