
Бројот на луѓето кои се соочуваат со глад во светот би можел да достигне 520 милиони до 2030 година поради влијанието на конфликтите на Блискиот Исток, изјави денеска шефот на Канцеларијата на Организацијата на ОН за храна и земјоделство (ФАО) во Русија, Олег Кобјаков.
„Имајќи го предвид влијанието на конфликтите на Блискиот Исток, до 2030 година меѓу 510 и 520 милиони луѓе и натаму ќе се соочуваат со глад“, изјави Кобјаков, посочувајќи дека пред кризата во Заливот таа бројка беше проценета на 503 милиони луѓе.
Тој нагласи дека прогнозата не ги зема предвид другите потенцијални неповолни фактори, како што се екстремните временски услови што би можеле дополнително да ја влошат ситуацијата.
„Затоа, кризата на Блискиот Исток би можела да влијае дополнително врз други земји преку зголемување на цените на енергенсите и ѓубривата“, заклучи Кобјаков.
САД и Израел на 28 февруари почнаа да напаѓаат цели во Иран, на што Иран одговори со свои напади. Во средината на јуни, Техеран и Вашингтон потпишаа меморандум за прекин на непријателствата, но подоцна повторно ситуацијата ексалираше со меѓусебни напади.
Ескалацијата на конфликтот практично го запре поморскиот сообраќај низ Ормуската Теснина, клучна рута за снабдување со нафта, нафтени деривати и течен природен гас во светот, што доведе до зголемување на цените на горивата во повеќето земји.(МИА)

Македонски


