Skip to main content

Во Софија одбележан Светскиот ден на културната различност со промоција на книгата „За малите нешта“

Во просториите на Македонски културно-информативен центар во Софија, синоќа се одржа промоцијата на третата поетска книга „За малите нешта“ од Катја Андреева, настан организиран по повод Светскиот ден на културната различност.

На почетокот на вечерта, директорот на Македонскиот КИЦ во Софија, проф. д-р Зоран Пејковски, ги поздрави присутните и истакна дека токму преку културата, литературата и уметноста се создава простор за меѓусебно разбирање, почит и поврзување меѓу народите. Тој потсети дека уште во 2002 година, Обединети Нации го прогласија 21 Мај за Светски ден на културната различност, ден кој ја нагласува важноста на меѓукултурниот дијалог како основа за мир и одржлив развој во светот, повикувајќи ги присутните заеднички да го одбележат овој значаен ден.

По претставувањето на нејзината прва книга „Мистериозен спектакл“ во 2023 година, публиката повторно имаше можност да се сретне со поетскиот свет на Катја Андреева. Во својата нова книга „За малите нешта“, авторката низ суптилни и искрени стихови говори за секојдневните мигови и малите нешта кои често ја носат најголемата животна вредност.

Во текот на вечерта стихови читаа Силвана Павлова и самата авторка Катја Андреева, додека музичката придружба од Венцеслав Атанасов на гитара и Павел Чавдаров на пијано придонесе за создавање топла и инспиративна атмосфера.

Настанот помина во духот на поезијата, музиката и културниот дијалог, уште еднаш потврдувајќи дека уметноста претставува значаен мост меѓу луѓето и културите.