Skip to main content

Премиера на „Избраниот“ од Ева Камчевска, во режија на Јане Спасиќ во Театар Комедија

На 27 и 28 мај (среда и четврток), со почеток од 20 часот, на големата сцена на Театар Комедија ќе се одиграат претпремиерата и премиерата на претставата „Избраниот“ по текст на Ева Камчевска, а во режија на Јане Спасиќ. Во претставата играат актерите: Тони Денковски, Жаклина Петровска, Виктор Арсов, Сергеј Димоски, Елена Кузманов и Ангела Лефкова.

„Избраниот“ е апсурдна комедија за тричлено семејство кое живее во една рудиментарна средина и се подготвува за моментот кога родителите ќе му ја соопштат „вистината“ на синот единец за неговата посебност. Заплетот настапува уште на почетокот на дејството, кога при породувањето родителите ја дознаваат „вистината“ за нивното дете што ќе ги затече неподготвени. Впрочем, токму вистината е лајтмотивот и генераторот на сите апсурдни и комични згоди и незгоди во „Избраниот“, почнувајќи од религиозната вистина што се прифаќа како аксиома, до авторитативната вистина, која не е предмет на преиспитување.

„Избраниот“, исто така, е и претстава која ги подава за потсмев човековите слабости: „фејкерството“, полтронството и клиентелизмот, малограѓанството, поводливоста итн., но која на суптилен начин ги исцртува генерацискиот јаз и вредностите на возрасните наспроти вредностите на младите во современиот контекст. Во суштината, оваа претстава отвора и разработува мноштво сериозни теми, ублажувајќи ги низ филтерот на комичното, преку лапидарен израз, жаргонски обоен и досетлив.

Ева Камчевска (1983) е драматург и сценарист со диплома од Факултетот за драмски уметности во Скопје, која се дообразова на Филмската школа во Ванкувер, Канада, во доменот на филмското и телевизиското сценарио. Авторка е на многубројни филмски и театарски проекти и активно учествува на меѓународни програми за развој на филмски сценарија. Најчеста тема во нејзините текстови е дисфункционалното семејство прикажано низ призмата на апсурдот.

На овој театарски проект работеа и: сценографката Мери Батакоја, костимографката Ивана Каранфиловска Угуровска, тон мајсторот Георгиј Полизов, светло мајсторот Слободан Илиоски и суфлерката Цветанка Јовановска. Инспициент на претставата е Нурјамет Рушити.

Поврзани вести