Skip to main content

Нож и вилушка на европската чинија – гастрономија, музика и култура во Паркот на Франкофонијата

Во Паркот на Франкофонијата во Скопје денеска ќе се одржи настанот „Нож и вилушка на европската чинија“, кој преку гастрономија, музика и култура ќе ги прослави европските вредности и заедништвото.

Како што е наведено во соопштението на организаторите, настанот има за цел да ги доближи различните европски кујни и култури до граѓаните, создавајќи простор за дружење, размена на идеи и дегустација на уникатни вкусови. Посетителите ќе имаат можност да уживаат во богата програма исполнета со кулинарски специјалитети инспирирани од европската традиција и современиот начин на живот.

Посебен акцент, како што информираат организаторите, ќе биде ставен на учесниците што ќе ги претстават своите гастрономски понуди, но и на музичката програма која е приспособена за сите генерации.

Забавата ќе започне со програма за најмладите и настап на хорот „Поточиња“. Во текот на денот присутните ќе ги забавуваат музичкиот состав „In The Mood“, Диџеј Карлито, групата „Виа Скопје“ и Диџеј Александар Јорданов, додека завршницата на вечерта е резервирана за настапот на дуото „Куку Леле“.

Проектот претставува можност за заедничко одбележување на Денот на Европа во урбано и отворено опкружување, а е поддржан како составен дел од Програмата за култура на Општина Центар за 2026 година.