Skip to main content

Одбележување на Денот на Европа во Градскиот парк во Скопје

Во Градскиот парк во Скопје денеска ќе се одржи централниот настан по повод одбележувањето на Денот на Европа, кој годинава се одржува под слоганот „Наша Европа. Посилни заедно“, соопшти „Европска куќа Скопје“.

Како што најавуваат, официјално обраќање на настанот ќе има евроамбасадорот Михалис Рокас со почеток во 12 часот на сцената „Школка“. Пораки ќе бидат испратени и во најавените изјави за медиумите од евроамбасадорот Рокас, министерот за европски прашања Беким Сали и градоначалникот на Град Скопје Орце Ѓорѓиевски.

– Програмата вклучува игри и забава организирани од земјите-членки на ЕУ, катче за храна и штандови со рециклирани предмети. Посетителите ќе имаат можност за едукација за растенијата и урбаното зеленило, како и за запознавање со локални еколошки бизниси. Прославата ќе биде збогатена со музичка програма и настапи во живо на танцовата компанија „Еурека“, Дина Јашари, Звада, „Конкеринг Лион“, „Дапунк и Дабл Г“, Емили Нас и Мартина Пенева. Денот на Европа ќе заврши на зајдисонце, кога зградата на Владата на Македонија ќе биде осветлена во сина боја – стои во соопштението.

Програмата ја организираат Делегацијата на Европската Унија, мрежата на „Јуроп Хаус“ и амбасадите на земјите-членки на ЕУ. Министерството за европски прашања и локалните власти се партнери на настаните што ќе се одржуваат низ целата земја во текот на месец мај, а целосната програма е достапна на социјалните мрежи и на официјалните веб-страници на организаторите.

Поврзани вести