
Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека во изминатата година се отворени повеќе од 15.000 нови работни места, одговарајќи на прашање за ефектите од државната поддршка кон компаниите и нејзиното влијание врз економијата.
Тој посочи дека моментално во земјава има околу 710.000 вработени, додека бројот на евидентирани невработени е под 90.000. Според него, ако од оваа бројка се изземат околу 30.000 лица кои се занимаваат со земјоделство, реалниот број на невработени се движи меѓу 35.000 и 40.000 лица, што претставува помалку од 5 проценти од работоспособното население.
„Ова е историски најниско ниво на невработеност“, нагласи Мицкоски.
Премиерот додаде дека владините мерки насочени кон бизнис секторот придонесуваат за зголемена инвестициска активност во земјата.
Осврнувајќи се на економските показатели, тој истакна дека номиналниот БДП за 2026 година се очекува да достигне околу 22 милијарди долари. Во споредба со претходната влада, како што рече, растот на номиналниот БДП е трипати повисок, и тоа во услови кога економскиот раст во еврозоната се движи под 1 процент.

Македонски



