Skip to main content

Василевска: Гоце Делчев е дел од македонската визија и темелот на изградбата на визијата за современата македонска национална држава

Иванка Василевска, професор на правниот факултет при УКИМ и пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, беше дел од трибината која се одржа денес, по повод одбележување на 123 години од загинувањето на македонскиот великан Гоце Делчев, на темата „Наследството на Гоце Делчев низ политичката призма за Македонија“.

Гоце Делчев е дел од македонската визија и еден од главните стожери и темелот на изградбата на визијата за современата македонска национална држава. Гоце Делчев, нашиот јунак, нашиот симбол, нашата национална гордост е еден класичен пример на еден револуционерен деец со особен карактер, бидејќи таквите особени луѓе се раѓаат повремено во историските циклуси. Таков не можете да станете. Тој е порив, тој е мисија и тоа е судбина“, истакна Василевска и додаде:

„И како таков учествува во се она што го стекнал како знаење, организирајќи ги револуционерните кругови, но и влијаејќи на најважната компонента, за еден народ да може да создаде национална држава. А тоа е образованието“.

Василевска порача дека Гоце Делчев го ценел секој човечки живот и се водел од чесност и одговорност, ставајќи ги луѓето пред политичките цели.

„Ние се повикуваме на него и го славиме поради неговата прогресивна дејност и поради пораката, која што не секојпат кореспондирала со актуелниот моментум, ниту пак со приликите. И ние сите добро знаеме дека дури и неговите согледувања и за отпорот на одредени воени кругови во Софија, кои по секоја цена сакаа по примерот на априлското востание да изнудат востание, кое без оглед на цивилните жртви, ќе предизвика повотрно еден стрес во светската јавност. Него секој човечки живот, на секој еден македонец и секој останат кој што се придржува на делото на чесноста одговорноста и визијата за автономна Македонија дека е бесценет и не треба да биде потрошен“, рече Василевска.

Василевска посочи дека жртвата и делото на Гоце Делчев се темел за создавањето на македонската држава, која и денес се соочува со предизвици и напади.

„Колку и да зборуваме на оваа тема, нема да биде достојно да му се оддолжиме за саможртвата и за се она што го постави преку своето делување со својата чиста мисла, за да дојдеме и да успееме барем на едно мало парче од македонската земја, да формираме национална држава, која не случајно е повторно и повторно историски под напад“, заклучи Василевска.

Поврзани вести