
Министерството за образование и наука (МОН) постапува по закон и сопствените ингеренции, случајот со врсничко насилство во основно училиште во Ѓорче Петров е пријавен во Државниот просветен инспекторат (ДПИ), но дополнително се обративме до градоначалниците и испративме допис до училиштата дека мора да се врати една стара пракса, која постоеше и покажуваше ефекти, а тоа е на големите и малите одмори да има дежурен наставник, а не дежурни ученици во ходниците, туку дежурни наставници, кои ќе водат грижа за настаните во училиштето, не само во ходниците и во дворот на училиштето – изјави ресорната министерка Весна Јаневска.
Таа посочи дека она што се случило надвор од училиштето не е оправдување, тие се ученици на одредено училиште и наставниците мора да имаат увид во тоа како се однесуваат нивните ученици затоа што, како што рече, тоа е воспитно-образовен процес.
Со овој допис ги задолживме дежурните наставници да бидат на видно место за кога ќе оди ДПИ во контрола да ги види. Се надевам дека ќе даде некаков ефект и оваа мерка што ја промовираме. Сега, дополнително, се спроведува и по прирачникот за справување со врсничко насилство и по закон. Оттука, и градоначалникот, и директорот, и наставниците треба да си ги спроведат своите обврски така како што е пропишано. МОН го прави она што треба да го направи. Оваа мерка е задолжителна и е испратена до сите училишта во државата – додаде Јаневска одговарајќи на новинарско прашање по доделувањето на државната награда „Гоце Делчев“ за остварувања во науката.
МИА

Македонски



