
Соединетите Американски Држави денеска соопштија дека се подготвени да „придружуваат“ трговски бродови низ Ормуска Теснина, во нов обид за прекинување на блокадата што предизвикува сериозни нарушувања во глобалната економија.
Здружениот поморски информативен центар предводен од САД им препорача на бродовите да минуваат низ теснината во водите на Оман, наведувајќи дека таму е воспоставена „засилена безбедносна зона“.
Американската војска соопшти дека иницијативата може да вклучува разурнувачи со наведувани ракети, повеќе од 100 летала и околу 15.000 војници, но не прецизираше каков вид помош или придружба конкретно ќе им биде обезбедена на бродовите.
Ова го остава отворено прашањето дали транспортните и осигурителните компании ќе бидат подготвени да го преземат ризикот, имајќи предвид дека Иран претходно отвораше оган врз бродови во теснината и најави дека ќе продолжи со таквите активности. Контролата на Иран врз овој пловен пат, кој претставува клучна артерија за снабдување на светот со нафта и гас, се покажа како значајна стратешка предност во војната со САД и Израел, овозможувајќи му да предизвика сериозни потреси во глобалната економија и покрај инфериорноста на бојното поле.
Обидите за обновување на сообраќајот низ Ормуска Теснина носат ризик да го нарушат кревкиот прекин на огнот што трае повеќе од три недели, потсетуваат западни медиуми. Американскиот претседател Доналд Трамп вчера преку социјалните мрежи изјави дека САД ќе ги придружуваат бродовите низ теснината и предупреди дека иранските обиди за нивно блокирање „за жал, ќе мора да бидат решени со сила“.
Трамп овој дел од иницијативата, наречена „Проект Слобода“, го опиша како хуманитарен потфат наменет да им помогне на блокираните морепловци и на бројните танкери и товарни бродови што се заглавени во Персискиот Залив од почетокот на американско-израелската војна против Иран на 28 февруари.
Иранската државна новинска агенција ИРНА подоцна го оцени проектот на Трамп како дел од „делириум“. Иранската воена команда денеска соопшти дека бродовите што ќе минуваат мора да го координираат транзитот со нив.
Предупредуваме дека секоја странска воена сила, особено агресивната американска војска, која има намера да помине или да влезе во Ормуска Теснина, ќе биде цел – изјави генерал-мајор Али Абдолах за државната телевизија ИРИБ.
Утрово не беше јасно дали некој брод се обидел да мине низ теснината или сообраќајот и понатаму е во застој. Здружениот поморски информативен центар соопшти дека САД воспоставиле „засилена безбедносна зона“ во близина на оманската страна на теснината и ги повика морепловците да одржуваат тесна координација со оманските власти поради очекуваниот интензивен сообраќај. Центарот предупреди дека пловењето по вообичаените рути може да се смета за исклучително опасно поради присуство на мини кои не се целосно проверени и неутрализирани.
Нарушувањето на овој пловен пат стана една од најдолготрајните последици од војната што САД и Израел ја започнаа на 28 февруари, со значајно влијание врз земјите во Европа и Азија кои зависат од Персискиот Залив за снабдување со енергенти. Тоа дополнително ги зголеми цените на горивата, храната и на другите производи и надвор од регионот.(МИА)

Македонски



