Skip to main content

Арахова: Зимскиот „рај“ за Грците

Малиот планински град Арахова на околу 970 метри надморска височина, иако во непосредна близина на Делфи, е сосема поразличен, можеби нема особено античко значење како соседниот град, но веќе со години важи за главна есенска и зимска дестинација, монденско место, кое во Грција се нарекува и „зимски Миконос“, а споредбата со популарниот остров не е случајна, тоа е и поради популарноста и поради профилот на посетителите.

Градот е полн со традиција, автентичност и одличен избор за сите вкусови – за оние кои сакаат зимски спортови поради близината на ски центарот, за љубителите на ноќниот живот, но и за оние кои сакаат мирен одмор со планински чист воздух.

Улиците со калдрма и камените куќи ја комплетираат зимската идилична слика, а единствено што недостига е снегот-се гледа само во далечината, на врвот на планината Парнасос, каде што се наоѓа најголемиот ски центри во Грција.

Од Делфи, потребни се околу 15 минути со автомобил за да се стигне до Арахова, рута која иако планинска е пријатна поради природната убавина од околните планини.

Арахова, исто како и Делфи е на падините на Парнасос во централна Грција, а најчесто е викенд дестинација, освен за оние кои во зимскиот период ја посетуваат за скијање.

Камениот мост, кулата часовник, црквата Свети Ѓорѓи на врвот, Фолклорниот музеј, како и локалното сирење „Формаела“ се главните симболи на градот.

Градот е познат и по богатиот ноќен живот, а во периодот кога во соседното Делфи се одржува Економскиот форум, секоја година во април, поголемиот број вечерни настани и забави се токму во Арахова.

Камениот мост и кулата часовник – симболи на Арахова

Знак за препознавање и веројатно најфотографираното место во Арахова е мостот во центарот на градот, што датира од 19 век изграден за да ги спои двете страни на селото и одиграл важна улога во движењето на жителите.

Симболот на Арахова е познат и како „Камара“ називот за архитектонска градба со закривен, полукружен облик или во форма на лак, што најчесто се користи кај мостови или порти.

Внатрешниот дел обоен со црвена боја, го прави мостот уште поинтересен.

Движејќи се по мостот, од едната страна се соседните планини, а од другата се куќите.

Веднаш до мостот се наоѓа и Фолклорниот музеј, а во задниот дел е патот што води до кулата часовник, чиј двор е отворен за посетители со бесплатен влез, од каде што од една поинаква перспектива, панорамски се гледа целиот град.

Кулата е изградена од камен во согласност со традиционалната архитектура на Арахова, се издига на карпа, а нејзината историја започнува околу 18 век, кога како камбанарија била дел од Светиот Храм „Воведение на Пресвета Богородица“.

Во земјотресот во 1870 година била уништена, а потоа реконструирана и одново обновена 1966 година, при што кулата го добила денешниот облик.

Во минатото карпата и кулата се користеле како природен фрижидер за чување храна и сирење, додека за време на окупацијата служел како скривалиште за важни предмети на локалното население.

Иако Арахова е мал град, сепак има голем број кафулиња, таверни, впечатливи се и локалните продавници за рачно ткаени килими, волнени производи, а за време на посетата на градот „задолжително“ мора да се проба нивното традиционално сирење формаела.

Формаела е тврдо сирење што се произведува главно од овчо или козјо млеко, потсетува на кипарското „халуми“ и најчесто се консумира печено или пржено како предјадење.

Сирењето е локален производ од Арахова, од 1996 година има ознака за заштитено потекло и е едно од најпознатите локални специјалитети.

Преку 264 скали до црквата Свети Ѓорѓи

Од главната улица во Арахова се наѕираат камени скали преку кои се стигнува до „врвот“ на градот – до историската црква Свети Ѓорѓи и часовникот во самиот двор.

За да се стигне до Храмот, што од 2000 година со одлука на Министерството за култура на Грција е прогласен за историски заштитен споменик, потребно е да се искачат 264 скали, но иако изгледа како тешка мисија, на половина пат поставени се клупи за одмор.

Денешниот Храм бил изграден во 1833 година, но се верува дека во поинаква форма и облик постоел уште од 1676 година.

Од дворот се гледа целиот град, како и околните планини.

Свети Ѓорѓи е заштитник на Арахова е и секоја година на празникот се одржуваат тридневни свечености во негова чест.

За враќање во центарот на градот, потребно е повторно да се поминат оние околу 260 скали, но симнувањето е многу полесно и наместо на централна улица, посетителот може слободно да се „изгуби“ низ тесните камени сокачиња со традиционални куќи карактеристични за градот.

Најголемиот и најпопуларен ски центар во Грција

Популарноста на Арахова драстично се зголеми по 1976 година со отворањето на ски центарот Парнасос на истоимената планина, што е најголемиот и најпопуларниот во Грција, а се наоѓа на околу 25 километри од градот.

Со ски-центарот, Арахова од мало село, стана една од главните зимски дестинации во земјата, не само за скијачи и сноубордери, туку и за оние кои го сакаат снегот и зимската идила.

Сместен е на надморска височина меѓу 1.640 и 2.260 метри, располага со 23 писти со сите нивоа – од почетници до искусни скијачи – во вкупна должина од 34 километри.

Со почетокот со работа пред половина век, ски центарот буквално ја промени економската и општествената слика на поширокиот регион.

Жителите на Арахова се гостопримливи и љубезни, велат дека туризмот е веќе дел од нивното секојдневие, а туристите од друга страна не го кријат восхитот од планинскиот град.

Првичниот план беше само посета на Делфи, на Археолошкиот локалитет и музејот, но водичот ни кажа дека Арахова е блиску и со оглед на тоа што имавме време решивме да дојдеме на прошетка. Ми се чини дека два часа се доволни да се види градот и секако да се испие едно кафе во центарот“, вели за МИА туристка од Италија.

Вработените во хотелите велат дека во зимските месеци, голем е бројот на посетители што не доаѓаат поради снегот или за скијање, туку едноставно „затоа што е Арахова“, а за време на викендите, капацитетите на хотелите се и над 90 отсто исполнети.

Дали за скијање, прошетка, посета на соседното Делфи или ноќниот живот, во зависност од индивидуалните интереси, Арахова, навистина има што да понуди, а може и да се искомбинира и со посета на Археолошкиот локалитет Делфи, но и со посета на ски центарот. 

Поврзани вести