
Руски дронови во текот на ноќта го нападнале јужниот украински град Одеса, по вторпат оваа недела, при што најмалку 18 лица се повредени и се оштетени станбени згради.
Најмногу штети нападите предизвикале во централниот Приморски округ, каде се оштетени високи станбени згради и петкатници, изјави Серхиј Лисак, шеф на локалната воена управа. Тој преку статус на „Телеграм“ наведе дека пожарите избувнале на горните катови и на покривите, но подоцна биле ставени под контрола.
Одеса, главно црноморско пристаниште и клучна точка за украинскиот извоз, е честа мета на руски напади.
Во нападите во понеделникот беа повредени 14 лица.
Украинските воздухопловни сили соопштија дека Русија од средата вечерта лансирала една балистичка ракета и 206 дронови, од кои 172 биле соборени или неутрализирани. Сепак, еден проектил и 32 дрона погодиле 22 локации.
Лисак наведе дека меѓу повредените има 17-годишно момче, а две лица се на интензивна нега во тешка состојба.
Тој додаде дека е значително оштетена градинка, како и дека има штети на трговски центар, хотел и административни простории.
Објавени се фотографии од пожар што зафатил зграда со оштетени горни катови, како и густ чад кој се издига од облакодери.
Исто така, десетици автобуси и автомобили се уништени или оштетени на повеќе паркиралишта.
Во друг округ се регистрирани удари врз инфраструктурни објекти, магацини и гаражни објекти

Македонски


