Skip to main content

Средба Гаши – Пармелан: Законодавниот дом е значително напреднат и игра клучна улога во демократските процеси

Претседателот на Собранието, Африм Гаши остварил средба со претседателот на Швајцарската Конфедерација, Ги Пармелан. Како што информираат од собраниската прес-служба, на средбата биле потврдени одличните и пријателски односи меѓу двете држави, како и заедничката определба за нивно понатамошно унапредување и продлабочување. Била истакната важноста од парламентарната соработка, размената на искуства и зајакнувањето на институционалните капацитети.

Гаши изразил особено задоволство што сме сведоци на прва ваква посета од претседател на држава со која имаме соработка на високо ниво, нагласувајќи дека Швајцарија претставува пример и модел за развој на демократијата. Тој, исто така, изразил благодарност за континуираната поддршка од Швајцарија во процесот на европска интеграција, како и за реализацијата на Проектот „Програма за поддршка на Парламентот“, кој придонесува за зголемување на транспарентноста, отчетноста и вклученоста на граѓаните.

Пармелан ставил акцент на работата на Собранието на Република Македонија, оценувајќи дека законодавниот дом е значително напреднат и игра клучна улога во демократските процеси. Тој истакнал дека државата се наоѓа на вистинскиот пат, со видливи достигнувања и напредок на високо ниво.

Воедно, како што се наведува во собраниското соопштение, двајцата соговорници информирале за најновите активности и актуелните случувања во своите земји. Едногласно ја потврдиле подготвеноста за натамошно продлабочување на билатералната и мултилатералната соработка.

На средбата присуствувале и пратениците на пратеничка група на Собранието на Република Македонија за соработка со Парламентот на Швајцарската Конфедерација – Илир Хасани, Александра Николовска, Мерита Коџаџику и Фатмир Битиќи, како и генералната секретарка на Собранието, Марина Димовска и заменик-генералниот секретар Ибуш Јусуфи. 

Поврзани вести