
Претседателот на САД, Доналд Трамп изјави дека откажувањето на патот на неговите претставници во Пакистан не значи нужно продолжување на војната со Иран.
Не, тоа не значи тоа. Сè уште не сме размислувале за тоа, изјави Трамп во телефонскиот разговор за порталот Аксиос.
Тој, на прашањето дали неиспраќањето на Стив Виткоф и Џаред Кушнер се толкува како чекор кон нов круг судири, посочи дека не е во план такво сценарио.
Трамп претходно за „Фокс њуз“ објасни зошто не испратил американска делегација во Исламабад на разговори со Иран.
Тој наведе дека им кажал на Виткоф и Кушнер:
„Нема да летате 18 часа за да стигнете таму, ние ги држиме сите карти во раце“.
Тој додаде дека повеќе нема да испраќа претставници на долги летови за „да седат и да разговараат за ништо“.
Во меѓувреме, иранските медиуми објавија дека шефот на иранската дипломатија Абас Арагчи по средбите со началникот на пакистанската армија Асим Мунир и со премиерот Шехбаз Шариф, заминал од Исламабад.
Арагчи наведе дека во Исламабад ги објаснил принципиелните позиции на неговата земја. Детали од разговорите со пакистанските претставници не се познати.
Шариф средбата со Арагчи ја опиша како „многу топла и срдечна размена на мислења за моменталната регионална ситуација“.
Тој на платформата Икс објави дека разговарале и за прашања од заеднички интерес, вклучително и понатамошно зајакнување на билатералните односи помеѓу Пакистан и Иран.

Македонски



