
Ниту еден од шестемина предложени сведоци на Јавното обвинителство не се појави на денешното рочиште за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, трагедија во која животот го загубија 63 лица, а повеќе од 220 беа повредени.
Двајца сведоци отсуството го оправдале со образложение дека не се психички подготвени повторно да ја преживуваат кобната вечер преку сведочење во судница. Со уште двајца, Обвинителството не успеало да воспостави контакт, еден се наоѓа на студии во странство, додека еден сведок е недостапен за органите на прогонот.
Обвинителството побара повлекување на сведоците кои се повредени и трауматизирани, при што беа презентирани и лекарски извештаи. Сепак, одбраната се спротивстави на ваквиот предлог и не даде согласност, користејќи го правото да инсистира овие лица да сведочат лично пред Судот – практика што ја применува во повеќе наврати во текот на постапката.
Адвокатите на одбраната истакнаа дека, според нивното толкување, само состојби како шизофренија и деменција можат да бидат основ за непојавување во суд, додека акутен стрес или физички повреди не се доволна причина. Тие отворија и прашања за веродостојноста на претходно дадените искази во истрагата, доколку се утврди дека сведоците сега не се психички способни да сведочат.
Поради ваквиот развој, Обвинителството ќе мора да побара психијатриско вештачење за дел од сведоците, со цел да се утврди нивната моментална психичка состојба и способност за сведочење.
Во судницата присуствуваа и родители на загинатите, кои не го криеја незадоволството од текот на постапката, оценувајќи дека ваквите постапки претставуваат одолговлекување на правдата.
Судот го прифати предлогот за психијатриско вештачење на сведоците Ана Томева и Лина Крстова, по што ќе се утврди дали тие можат да сведочат или нивните претходни искази ќе бидат прочитани во судница.
Дополнително, за двајца сведоци со кои Обвинителството не успеало да стапи во контакт, Судот наложи да им бидат испратени покани на адресите наведени во доказниот материјал.
За сведокот Дарио Трифунов, доставено е известување дека се наоѓа во Бугарија на студии, но без конкретни податоци за неговата достапност, поради што е предложена дополнителна проверка.
На рочиштето беше прочитан и исказот на Денис Даутовски, поранешен член на екипата на бендот ДНК, кој во моментов е недостапен за органите на прогонот. Во неговиот исказ се наведуваат детали околу поставувањето на опремата, осветлувањето и користењето на пиротехнички средства за време на настапите, при што се посочува дека дел од опремата била набавена и користена без јасни информации дали била пријавена кај надлежните институции.

Македонски


