
Претседателот на Владата на Република Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа дека СДСМ продолжува со тоа дека Груевски треба да одговара и пораката до опозицијата, изјави:
„Па јас поврзано со таа тема, тоа што имав да кажам, го кажав во текот на вчерашниот ден и немам што да додадам. Мораме во државата да имаме подеднакви услови за сите, без разлика кој бил, како бил, дали некој е сегашен, дали некој е поранешен висок функционер и тука не треба да има никаква дилема, никој. Барем додека е оваа Влада и додека сум јас претседател на Владата.
Но, она коешто загрижува е фактот дека од опозицијата сеуште не ја научија лекцијата. И сеуште живеат во оној свој паралелен свет, па никако не можете да слушнете, да речеме да го повикаат Васко Ковачевски да се врати и да се соочи со правдата. И се чудам зошто во нивните прес-конференции, доколку сакаат и планираат да бидат реална алтернатива на оваа Влада, не можете да го сретнете името на Васко Ковачевски и да го повикаат исто така да се врати и да се соочи со правдата.
Понатаму, исто така очекувам од истата оваа опозиција да биде вака критички и да се однесува вака критички како што сега се однесува, кога имам чувство дека набргу високи функционери од претходната Влада на СДСМ, поранешни премиери, претседатели на Влада, нивни блиски од семејството и така натаму, ќе бидат опфатени со одредени прогони.
Имам чувство, не велам дека имам информации, имам чувство. Очекувам дека и тогаш кога тоа ќе се случи, исто така ќе имаат вакви прес-конференции и тогаш нема да велат дека тоа е политички прогон, туку истите тие ќе ги повикаат да одговараат пред органите, односно да ја докажуваат својата невиност.“

Македонски


