
Вчерашната акција во која повеќедецениски наркобосови беа изведени пред лицето на правдата не е изолиран случај, туку дел од јасна и синхронизирана офанзива која потекна од СВР Струмица против криминалот што со години се развивал.
Ова го истакна директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев за акцијата во која лишени од слобода беа седум лица, а сузбиена е организирана криминална група инволвирана во недозволена трговија со дрога.
Дел од бастионите на тоа подземје веќе не е на слобода. Криминална мрежа поврзана со нелегални нарко активности која, еве за Струмица, егзистирала повеќе од две или три децении. Никој досега, за жал, не се обидел да застане на патот на овие структури. Истото е и со другите градови. Сето ова не е случајност, производ е на една синхронизирана и иницирана акција со размена на информации потекнуваше од СВР Струмица, вели Јанев.
Директорот додава и дека редовите во полицијата се консолидирани, има успешност кај акциите кои се спроведуваат, а повеќе нема одлив на информациите, што беше случај на почетокот по доаѓањето на новото раководство во МВР.
Јанев нагласува дека ваквите акции се доказ дека системот функционира кога има решителност.
Без компромис и без толеранција, особено кога станува збор за негово ширење. Имаме знаење, имаме волја и ќе продолжиме со уште посилно темпо, затоа што безбедноста на граѓаните останува наш врвен приоритет, посочува директорот на БЈБ.
Во врска со најновата акција, полицијата уапси четири лица од Струмица, две од Скопје и едно лице од Штип, а извршени беа претреси на 15 локации на подрачје на Скопје, Струмица и Штип.
За време на спроведувањето на полициската акција, обезбедени се материјални докази, односно пронајдена е и одземена дрога, пиштол, рамка за пиштол и муниција, седум патнички моторни возила, седум телефонски апарати, како и поголем износ на парични средства.

Македонски


